Чаусидис: Медиумските реформи жртва на полноќните пазарења за датумот на изборите
Посредникот Питер Ванхауте само го искажува очигледното, а тоа е дека нема преговори за медиумските реформи и дека во полноќните пазарења околу датумот за изборите, медиумските реформи беа онаа монета за поткусурување, јави Плусинфо.
Ова за „Слободен печат“ го изјави Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, по изјавата на Ванхауте за Алсат-М дека веќе нема да има преговори за медиумите. Работните групи не се заинтересирани да продолжат, изјавил посредникот.
– Дали станува збор за гаранции или за премолчена согласност јас не знам, но она што знам е дека топката е повторно фрлена во наш двор, што во крајна линија и не е неочекувано и несоодветно. Медиумската заедница, а тука мислам и на медиумските организации и на медиуми и на поединечни колеги, мора да го врати процесот во сопствени раце – вели Чаусидис.
По постигнувањето на договорот изборите да се одржат на 5 јуни, беше речено дека прашањето за медиумите останува во агендата на меѓународниот фактор. Но, суштински преговори меѓу партиите на оваа тема нема и расте скептицизмот дека до изборите медиумски реформи нема да се случат.