Осуда на заканите на ДУИ кон новинарот Зеќири
Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува притисоците и заканите на претставници на ДУИ врз новинарот на ТВ Шења Мухамед Зеќири. Ваквите притисоци ја загразуваат слободата на говорот и потикнуваат самоцензура кај новинарите. Со закани и притисоци врз новинарите Македонија нема да се извлече од групата на африкански земји каде масовно се кршат медиумските слободи.
Крајно лицемерно е ДУИ да ја убедува јавноста дека медиумите на албански јазик се послободни благодарение на нивното одговорно однесување како владеачка партија, а во исто време нивните челници се закануваат на новинарите.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети како потписник на договорот од Пржино се обврза за поголема слобода на медиумите. Крајно е неодговорно лидер на партија да не го почитува сопствениот потпис.
Ги повикуваме челниците на ДУИ веднаш да престанат со притисоците врз новинарот Зеќири, во спротивно ќе бидеме принудени да разгледаме други правни чекори за да ги заштитиме нашите колеги.