Ванхауте оди во Брисел да го разјасни статусот ама пак се враќа во среда
По дополнителните консултации се очекува да се разјасни неговиот статус, кој е доведен во прашање по отворената конфронтација со ВМРО-ДПМНЕ, пишува Утрински весник.
Посредникот во преговорите Питер Ванхауте викендов или в понеделник заминува во Брисел на дополнителни консултации. Тој, според информациите, во „главниот штаб“ на Европската Унија не оди со „билет во еден правец“, туку во Скопје треба да се врати в среда кога, впрочем, се очекува да станат малку појасни работите околу неговиот натамошен статус, кој е доведен во прашање по отворената конфронтација со ВМРО-ДПМНЕ. Како и тоа дали, кога и во каков формат би продолжиле преговорите за регулација на медиумскиот простор.
Засега се уште е неизвесно дали доколку продолжат преговорите, Ванхауте и натаму ќе биде во улога на посредник во преговарачкиот процес кој дава техничка експертиза или, пак, Брисел ќе испрати замена, откако ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека тој за нив е турист и дека нема да учествува во преговори во кои ќе биде и тој. Причината за тоа, како што оценуваат од владејачката партија, е понижувачкиот однос и недоличните коментари на „Твитер“.
„Без разлика дали ќе бидам јас или ќе дојде некој друг, преговорите за реформите мора да продолжат“, изјави деновиве Ванхауте. Пред заминувањето за Брисел тој продолжува да биде активен на социјалните мрежи каде што ги дава своите погледи на актуелните политички и општествени процеси. Тој завчера објави 14, според него, златни правила за политичарите во кои меѓу другото се порачува: кажувај ја вистината – секогаш и секаде, не заборавај – граѓаните имаат право да знаат, исто така и медиумите, не земај им ги парите на граѓаните – тие им припаѓаат ним, спори со аргументите, не со луѓето.