ДИК: За два дена може да започне вкрстената проверка на гласачите
Информатичката експертска група ангажирана од Државната изборна комисија ДИК во изминатите десет дена работела на прием на податоци од вкупно 11 институции заради нивна подготовка за проверка. Верификацијата на податоците е речиси завршена, рече раководителот на Групата Мајкл Бурнс кој очекува многу брзо да почне првата фаза од вкстувањето на податоците, што е важно за конечното ажурирање на Избирачкиот список, јави Телма.
-Најголем дел од работата на нормализација на податоци е завршена, но сега престои работа на валидација на податоците, за да можеме да го утврдиме квалитетот на изворните податоците од партнерските институции. Очекуваме валидацијата на податоците да биде завршена за ден – два. ДИК располага со тројца аналитичари на податоци кои ќе работат на вкрстена проверка на податоците, а нивната работа ќе започне веднаш по собирањето на податоците, рече Бурнс.
Очигледно е д,ека валидацијата на податоците е при својот крај, а со тоа може да се очекува и ефикасен процес на вкрстување на податоците, оцени Сашо Срцев.
Се надевам, така беше кажано, дека за ден два ќе започне вкрстена проверка, а тоа е битно за јавноста. Од експертите ни е кажано дека вкрстената анализа ќе трае седум до десет дена, рече Срцев.
Добро е што ќе се проверуваат бази на податоци од повеќе институции, на тој начин ќе се стекне доверба во Избирачкиот список, рече Бедредин Ибраими, кој нагласи дека ДИК континуирано добро работела, па затоа го постави прашањето.
-Гледам, лицитираат со 400 илјади непостоечки гласачи, или со 240 илјади, што не е точно, но што правиме ако се покаже дека овој Избирачки список е точен?
Клучно е да се утврди дали како гласачи биле запишани лица на возраст под 18 години, починати лица или лица кои всушност немаат пасош или лична карта и немаат живеалиште во Македонија, рече Субхи Јакупи. Силвана Бонева изрази стравување од можно оддолжување на процесот, затоа што како што нагласи, никаде не е утврдено дека треба да се проверуваат податоци помеѓу различни бази, наместо меѓу основната, таа од МВР и некоја од базите. Игор Милев реагираше дека ДИК едногласно го усвои планот за работа на експертската група. Експертите пак, се соочиле со многу проблеми – добивале податоци во различен тип на фајлови, во различни фонтови и јазици, некогаш некомплетни, некогаш пак со повеќе податоци од потребното, поради што било потребно повеќе време.
Инаку, според новиот датум на изборите, пречистувањето на Избирачкиот список треба да заврши на 17 април, а листа на гласачи треба да се заклучи околу 7 мај.