Последна шанса со посетата на Вајгл, Ховит и Кукан
Европарламентарците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан денеска се во посета на Македонија.
Иако нивната агенда официјално не е позната, се очекува тројцата европарламентарци да се обидат да издејствуваат политички расплет и да помогнат да се дојде полесно до датумот за вонредните избори.
Посетата на бриселската тројка доаѓа два дена откако ЕУ и САД оценија дека засега не се создадени услови за одржување избори на 24 април и по ставот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествуваат на преговори на кои ќе посредува белгискиот експерт Питер Ванхауте.
Евроамбасадорот Аиво Орав, преку неговиот официјален „Твитер“ профил, вчера доцна попладне им порача на политичките партии дека денеска заедно со Ховит, Вајгл и со Кукан треба да постигнат конечно решение за предвремените парламентарни избори.
„Амбасадорите на земјите членки на ЕУ разговараа за ситуацијата. Партиите треба да најдат решение; утре, е последна шанса со европратениците Вајгл, Ховит и Кукан“, твитна Орав.
Извор: Плусинфо