Се чека реакцијата на ВМРО ДПМНЕ за оценката на ЕУ и САД
Сѐ уште трае молкот на ВМРО-ДПМНЕ по вчерашното објавување на оценката на САД и на ЕУ дека нема услови за кредибилни избори на 24 април. Од партијата официјално сѐ уште се на став за избори на 24 април, а индикација во тој правец е и вчерашното непојавување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба што ја иницираа амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.
За промена на ставот на ВМРО-ДПМНЕ кон прифаќање на меѓународната препорака кон која неволно, но сепак се приклони и коалициаскиот партнер ДУИ, има време уште денеска и евентуално утре, зашто Собранието се распушта во среда, на 24 февруари, поради законот што го донесе визирајќи избори на 24 април.
Опциите се или ВМРО-ДПМНЕ да се приклони кон оценката на САД и на ЕУ, што ја поддржа и ДУИ, или да го бојкотира менувањето на датумите во Парламентот, што ќе значи дека и ако сите други партии во Собранието се на иста страна (за одложување на изборите) ќе им треба секој еден пратеник за да го имаат потребното мнозинство.
Извор; Капитал