Инспекторатот побара од општина Чаир документација за „Двоглавиот орел“
Во рок од три дена, општина Чаир треба да достави документи до Државниот градежен инспекторат дека поставувањето на споменикот во Топанско поле е направено законско и дали градоначалникот Иџет Мемети издал решение за тоа, јави Телма.
Од инспекторатот за Телма велат дека до општината испратиле ургентно писмо со барање за доставување на документацијата. Нивните инспектори излегле на терен уште во петокот, откако официјално го добиле барањето од град Скопје, за кое од таму уште вчера реагираа дека никнувањето на двоглавиот орел на кружниот тек во Топанско е непрописно, претставува дивоградба и треба да се урне.
Бидејќи се работи за објект од втора категорија за кој се надлежни единиците на локална самоуправа, доколку општината нема документи, овластениот општински инспектор треба да донесе решение за негово уривање.
Доколку општината не ја исполни оваа обврска, од Инспекторатот, во случајот може да се вклучи и управна инспекција и да бидат поднесени прекршочни пријави. Воедно, може да побараат од Министерството за транспорт и врски да ги одземе надлежностите на овластениот општински инспектор и да постапуваат тие.