Лекарите специјализанти на протест си ги бараат своите права
Околу 200 лекари специјализанти од Медицинскиот факултет се собраа денеска пред Министерството за здравтсво на мирен протест во знак на револт кон игнорантскиот однос кон Петицијата преку која си ги бараат своите права, јави Нова ТВ.
Тие бараат да не се снимаат испитите преку видео и да се емитуваат на интернет, велат „не“ за работа без плата, за неплатените дежурства, за лихварскиот договор и за јавното деградирање како идни лекари.
– Ги повикуваме нашите професори специјалисти да ни се придружат во оваа наша битка за решавање на нашите проблеми за што ќе го информираме и меѓународниот фактор. Од 15 февруари започнува видео снимањето на испитите и колквиумите. Тоа значи дека секој што седи дома може да уклучи и во живо да го гледа полагањето. Апелираме до надлежните тоа да не се случи бидејќи ги крши основните човекови права и Законот за заштита на лични податоци, изјави Билјана Додева, претстедател на Групата специјализанти на УКИМ.
Тие бараат измени на Законот кој неодамна беше усвоен во Собранието, бидејќи сметаат дека таков закон е катастрофален и лошо се одразува во ситуација на голем одлив на лекари од државата.
Овојпат специјализантите не се поделија и на протестот се присутни специјализанти и од Групата и од Асоцијацијата на специјализанти.
Во исто време додека трае протестот во Здравствениот дом во Скопје на интервју за работа се повикани околу 40 лекари специјализанти. Специјализантите не знаат дали тоа е направено намерно за да се намали интересот за протестот.
Миралем Јукиќ работи во Итната медицинска помош, но не може да си дозволи приватна специјализација, поради сумата од 10 до 12 000 евра. Но и како лекар од општа пракса, тој и неговите колеги не добиваат плата за да можат да ги покријат месечните трошоци.
„Неследејќи го својот сон за посакуваната специјализација, додека дојде соодветната работа кога тато ќе ја добие специјализацијата и ќе добива плата“, рече Јукиќ, кој на протестот беше дојден заедно со неговото бебе и сопругата.
Според Законот, од 15 февруари стартува видео снимањето на испитите, колоквиумите, дипломските и магистерските испити кои ќе се емитуваат на страницата на Министерството за здравство.