Вкрстена проверка на податоците
Две домашни и една странска ај-ти компанија ќе вршат вкрстена проверка на податоците од базите на десет државни институции. Нивните аналитичари треба да имаат пет-годишно искуство во пребарување, споредување и заштита на лични и доверливи податоци, како што бара ДИК во денешниот оглас. Овие експерти ќе ги добијат истите информации од Избирачкиот список и од базите на другите институции, а потоа ќе ги обработуваат независно еден од друг, за да се добијат што е можно пообјективни и три пати проверени резултати и статистички анализи, јави Телма.
-Три ај-ти тимови што ќе бидат избрани од ДИК, ќе работат на иста проектна задача, ќе имаат предмет на анализа исти бази на податоци, но за да се избегне субјективниот момент, да се овозможи компаративност на податоците, да се избегне можност за одолговлекување на целиот процес, решивме самата имплементација да ја вршат три ај-ти тима, рече неодамна при усвојувањето на Оперативниот план, претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.
Во ДИК очекуваат резултатите од вкрстената проверка да почнат да пристигнуваат веќе наредната недела. Тоа ќе отвори можност попрецизно да се одреди колкав ќе биде обемот на теренската проверка и колку тоа може да трае.
-Јас очекувам наредната недела да ги имаме првичните резултати од вкрстената проверка. Како ќе се одвива тој процес, сега не можам да тврдам, но ќе дојдеме до една бројка на избирачи кои нема да се најдат во ниту една база на податоци и ќе бидат објект за теренска проверка од страна на тимовите и екипите што ќе бидат формирани од страна на ДИК, изјави синоќа членот на ДИК, Бедредин Ибраими.
Теренската проверка ќе ја реализираат тимови кои пред неколку години Заводот за статистика ги обучуваше за попишувачи. Ќе бидат користени и готовите обрасци, изработени за пописот што не се реализираше. Сите процедури за пристап до податоци, како и за промени, бришење, водење и ажурирање на Избирачкиот список, се уредени со двете методологии што синоќа ги усвои ДИК. Иако Комисијата ги изработи уште во декември, не почнаа да се применуваат бидејќи сите четири партии размислуваа и тактизираа повеќе од еден месец. ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ дадоа согласност завчера, а ДПА- вчера.