Предлози има, дискусијата за медиумите одложена
Работните групи денеска нема да се сретнат но посредникот Питер Ван Хауте го доби предлог законот за медиуми од СДСМ. Политичката партија денеска го достави предлог-решението, за кое дел од новинарските здруженија вчера иако го нема видено на хартија се изјаснија дека не е прифатливо. Од канцеларијата на посредникот велат дека работната група ќе се состане утре.
Во текот на овој ден политичките партии ќе можат да ги разгледаат предлог-амандманите на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (изработени врз основа на предлозите за медиумски реформи од страна на меѓународната заедница во Декември 2015 година), а утре, четврток, 04 февруари, работната група ќе се состане за да ги дискутира предлозите, соопштија од канцеларија на Ванхауте.
Од партиите не сакаат денеска да коментираат за материјалите. Но последните ставови им беа дијаметрално различни. На различни позиции се и новинарските здруженија. Тие и по средбата со премиерот Емил Димитриев останаа на истите ставови.
Реформите во медиумите се дел од пржинскиот договор, а работните групи на четирите партии досега требаше да изнајдат решенија за медиумите прифатливи за професионалната и граѓанска јавност кои се во согласност со препораките од Извештајот на Прибе.
Според извештајот, медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и политичките партии. Јавниот национален сервис треба да настојува да биде комплетно непристрасен и независен од политички, комерцијални и други влијанија и идеологии и да допринесе кон информирано граѓанство.
За работните групи неодговорено остана и прашањето за усвојувањето на ефикасни механизми за одвојување на партијата од државата. Амбасадорите на ЕУ и САД ова го поставија како трет критериум за тоа дали се создадени услови за организирање на фер и демократски избори. Досега на оваа тема партиите воопшто не разговарале, а рокот до кога треба да биде затворено и ова прашање е 20 февруари.
Извор: 24 Вести