ЗНМ: Политичките партии без одлагање да го прифатат предлогот на Ван Хауте за медиумски реформи
Политичките партии денеска ги продолжуваат разговорите за реформата во медиумскиот систем, кое е една од клучните предуслови за решавање на политичката криза и за обезбедување предуслови за слободни избори, вели Здружението на новинари на Македонија во соопштението за јавност.
Од таму ги повикаа политичките партии да демонстрираат демократска зрелост и одговорност и без одлагање да го прифатат предлогот на европскиот посредник Питер Ван Хауте за вистински реформи во медиумскиот систем.
„ Овој предлог се базира на најдобрите европските практики дополнет со најдобрите идеи од македонските новинари, медиуми и експерти. Тој ќе ги ослободи македонските медиумите од притисокот на политиката и ќе придонесе да имаме попрофесионални и поодговорни медиуми.
Со прифаќање на предлозите на Ван Хауте, МРТ ќе биде сервис на граѓаните, а на не политичките партии, а Агенцијата на медиуми стручно и професионално тело кое ќе ја штити слободата на медиумите. Со тоа, исто така, ќе престане една лоша практика власта со јавни пари да ги корумпира и контролира медиумите.
Со спроведувањето на понудените реформите Македонија ќе научи важна лекција дека во демократски земји медиумите треба да работата без притисок со цел точно и навремено да ги информираат граѓаните и да бидат коректив на работата на секоја власт. Со реформите во медиумите ќе обезбедиме услови за слободни избори и ќе направиме сериозен чекор напред за побрза интеграција во ЕУ.
Ги повикуваме ЕУ и САД да ги убедат политичките партии да ги прифатат предлозите на Ван Хауте и да не направат болни компромиси кои нема да бидат во интерес на слободата на медиумите,“ пишува во соопштението на ЗНМ.