ЗНМ и ССНМ: Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за владините реклами ја убива смислата на медиумите
Законот на ВМРО-ДПМНЕ за владините реклами предложен на работната група претставува брутален напад врз независноста на медиумите и со него се прави упад врз мисијата, финансирањето и уредувачката политика на медиумите, реагира претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани.
– Предлогот ја убива смислата на постоење на медиумите во едно демократско општество, точно и навремено да информираат, критички да ја опсервираат реалноста и да поттикнат дебата за прашања од јавен интерес. Преку медиумските кампањи власта во име на заштита и унапредување на наводното јавно информирање, во суштина изразува огромен страв и недоверба во работата на медиумите. Кампањите треба да покажат дека медиумите не работата во интерес на граѓаните затоа е потребно власта да ги мотивира со пари за да ја научат лекцијата како се заштитува јавниот интерес – рече Селмани.
Вистинската цел на кампањите, додаде тој, е медиумите да ги заборават граѓаните, јавниот интерес и демократијата и да бидат огласна табла за фалење на владините политики.
– ВМРО-ДПМНЕ за јавен интерес ја прогласува активноста на владата и владините институции, тековни и идни активности на владата цели и очекувања на владините политики и прокети. Тоа во превод значи со јавни пари да продолжи и да се засили промоцијата на партиската програма – рече Селмани.
Со овој предлог, смета тој, власта планира со пари на граѓаните да ја засили, прошири и надгради корупцијата во медиумите со цел да ги контролира и да ја задуши секоја критика.
– Освен тоа законоското решение предвидува надлежност на Агенцијата на медиуми што е не предвидена во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ниту својствена во демократски држави. Никаде во Европа медиумскиот регулатор не одобрува јавно кампањи не одлучува за нивната дистрибуција, во медиумите и по која цена да се емитуваат. Ниту пак пресметува проценти и удели за учество на пазар што е прашање на медиумската индустрија – истакнува претседатеот на ЗНМ.
Највеселата математика во законот е околу казните, со кои се предвидува ако владата и јавните институции вон законот објавуваат информативни кампањи да не сносат кривична одговорност туку да бидат казнети со парична казна до 3.000 евра.
ЗНМ побара од другите партии во преговорите СДСМ, ДУИ и ДПА како и меѓународните посредници да го отфрлат овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, а на владата и порача ако сака да им помогне на медиумите треба да го земе предвид концептот за субвенционирање што и е предложен.
Зад оваа изјава застана и Самостојнот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
– Да се предложи вакво законско решение има само две објаснувања или се сака да се купи време или пак ова е лов во матно и обид да се протнат и легализираат практиките што власта веќе ги има. Со предлозите што ВМРО-ДПМНЕ ги дава практично покажува дека за неа медиумите се само изборен плен, а јавниот интерес е всушност партискиот интерес – рече Тамара Чаушидис, претседател на Синдикатот.
Во однос на предлогот МРТ, 100 дена пред избори да има двајца директори еден од власта еден од опозицијата Чаушидис рече дека тоа е исто како со закон да се регулира дека секоја операција треба да ја прават хирург од ВМРО-ДПМНЕ и хирург од СДСМ.
Извор: Плусинфо.мк