Телма открива нов список на помилувани осуденици од претседателот Иванов
Се работи за вкупно 33 луѓе кои се помилувани три недели пред Новогодишните помилувања. Одлуката претседателот ја донел на 9-ти декември, а во службен весник е објавена два дена подоцна, на 11-ти.
Од она што е објавено, еден е целосно ослободен од казната, петмина од одлежување на неиздржаниот дел без разлика колкав е, за условна казна од една година му се заменува затворската на еден затвореник, додека за условна од 3 години на седуммина. Делумно се ослободени, односно казната им е скратена за 6 до 3 месеци на 19 мина.
Со ова бројот на помилувани само во еден месец изнесува 207. Од кабинетот на претседателот за помилувањата кои до сега не беа спомнати во јавност само кусо информираат.
Тие 33 помилувања од 9 ти Декември се поединечни, по молба на осудениците – Кабинет на Претседател на РМ.
Исто како и на помилувањата на затворениците по повод нова година, така и овој пат се објавени само имињата презимињата и местото на живеење на осудените, а не и делата за кои се осудени.
Телма повторно се обиде да го добие целосниот список од кабинетот на Иванов, но не успеа. Од она што може да се најде на интернет доколку се пребаруваат осудениците по нивниот идентитет и местото на живеење се појавуваат неколку имиња и презимиња на осудени во познати случаи.
Таков е примерот со насилникот кој го демолираше кафе барот Голд во Ресен чие што име и презиме и место на живеење се поклопува со она што се нашло на листата помилувани чија затворска казна е заменета со условна.
Уште неколку имиња од овој вид помилувања се идентични на луѓе кои биле вмешани во царинска измама, измама со станови и земјиште.
Интересно е што на оваа листа неколку осуденици чија затворска казна е заменета со условна се наоѓаат и луѓе чии идентитет се совпаѓа со идентитетот на неколкумина обвинети во познатиот процес “Калдрма”, за проневера на пари од патарините.
Како паднала одлуката токму за овие луѓе и дали има и дополнителни кои на свое барање добиле помилување од претседателот не се знае.
Сега адвокат а порано директор на управата за санкции и дел од министерството за правда, Виктор Цветковски, вели дека пракса е претседателот да помилува за Нова година и 2-ри август, но и поединечните помилувања се работа на претседателот.
Сепак за да не се остава простор за сомнеж делата мора да се објават.
Годинава најголем е бројот на помилувани во споредба со претходните четири кои можат да се најдат на претседателскиот портал.
Така претседателот лани за Нова година помилувал 24-ца, во 2014-та – 53-ца во 2013, 51затвореник а во 2012, 41затвореник.
Збирот од овие четири години е помал само од помилуваните за оваа година. Со ова се отвори прашањето дали потранспарентно ќе беше со закон за амнестија да се помилуваа дел од затворениците, отколку една комисија да одлучува кој ќе биде ослободен а кој не.
Вчера Телма објави дека осуденици за тешки кривични дела како што се убиство обид за убиство, братоубиство и слично се целосно или делумно ослободени. Според информации од комисијата за помилување тие биле на предлог на затворските установи, комисијата дел прифатила дел отфрлила ама последниот забор го имал Иванов.
Словенечкиот државјанин Дејан Шпеглиќ кој се најде на листата на помилувани го посочуваат како пример кој не бил предложен но сепак добил милост од претседателот.