Заев-Рама-Брнабиќ: Ќе ја развиваме регионалната соработка
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска е во Трст на Самитот за Западен Балкан.
Пред почетокот на средбата на шефови на држави и влади, премиерот Заев има билатерални средби. Досега, претседателот на Владата на Македонија се сретна со претседателите на владите на Република Србија, Ана Брнабиќ и на Република Албанија, Еди Рама.
Премиерите на Македонија и на Албанија, Заев и Рама оценија дека добрососедските односи меѓу двете земји се во насока на стабилен и безбеден регион со евро-атлантски перспективи.
Двајцата премиери изразија определеност кон конструктивни политики што се во интерес на граѓаните на двете земји, наспроти деструктивниот национализам којшто дели и оди на штета на граѓаните.
Премиерот Рама најави поддршка на Пустец со инвестиции, што ќе придонесат за развој на оваа општина во којашто живеат граѓани од Македонија.
Премиерот Заев го објасни концептот Едно општество за сите, зад којшто стои новата реформска Влада на Македонија и којшто обезбедува квалитетен живот и правда за сите граѓани.
На средбата се разговараше за можностите за размена на искуства во областа на правосудството, како и продлабочување на соработката во економијата, бизнисот и странските инвестиции, како и земјоделството и инфраструктурата.