Гошев: Нема економски раст без добро организирана држава
Македонија има огромни проблеми и нема изгледи да ги реши, особено не со овој економски и политички систем, посочи Петар Гошев на дебатата „За слободно општество и социјална правда“, во организација на Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ и „Заслужуваме подобро“.
– За да се намали невработеноста, треба да се зголеми економскиот раст, но за тоа треба многу добро организирана држава, силни институции, добро образование, добро здравство, со расчистени поими што е фер, што е правично – доколку ова го нема во едно општество, тоа не може да даде економски резултати – рече тој.
Гошев посочи два главни показатели за целата беда на целото општество.
– Од 1991 до 2013, Македонија има економски раст од само 1,3 отсто. Глобалната стапка на раст во светот е два-три пати поголема од таа, а земјите во развој што се компаративни со нас, имаат уште поголем раст од тоа. Значи тоа е нашиот комплетен неуспех. Поради таа стапка на раст, Македонија го губи своето население. Во 1991 Македонија имала 2 милиони, 33 илјади и 946 жители, тогаш имаше попис, сега со прогнозите на Груевски и Ахмети имаме 2 милиони и 67 илјади жители или раст само од 33.500 жители, што просечно годишно е само 2.395. Но, не е целата трагедија во овој раст што го нема, зашто без раст на населението нема ниту раст на економијата. Трагедијата е што овие 2 милиони и 67 илјади ги нема во Македонија, не знаеме колку се намалува работната сила по квалитет и квантитет, зашто бандите не дозволуваат собирање на точни податоци. И затоа е невозможно Македонија да има економски раст, само според овој фактор, кој е пак последица на нешто друго – рече Гошев.