ЕП во Ракомет: Македонија ниже победи, совладана и Црна Гора
Јунак во победата на Македонија над Црна Гора (29:28) на Европското првенство во Хрватска, беше Филип Кузмановски кој во клучните моменти ја доби довербата од селекторот Раул Гонзалес и возврати со пет погодоци.
– Почнавме во грч, на полувреме ги поправивме грешките. Се договоривме како да одиграме во одбраната и паметно во нападот. Што се однесува до мојата игра, сум задоволен, ги послушав советите од поискусните и за играта во дефанзива и при ударите на противничкиот гол, истакна Кузмановски кој беше најефикасен ракометар во победничката репрезентација.
Пофалби за настапот на Кузмановски стигнаа и од селекторот Раул, кој рече дека Филип ги искористил минутите кои ги доби и има голем придонес во победата
Филип Миркуловски иако повреден беше ставен во игра на синоќешниот дуел со Црна Гора некаде на средината на првото полувреме и со неговото влегување Македонија заигра подобро и ја анулира предноста на противникот која на моменти изнесуваше три погодока.
Централниот бек е задоволен од прикажаното во досегашниот дел од шампионатот и најави игра на победа и против Германија.
– Знаевме дека ќе биде тешко со Црна Гора, иако многумина предвреме ни ги доделија бодовите. Честитки за Филип Лазаров кој на двата дуела ги постигна клучните голови. Неодамна реков дека дуелот со Германија може да биде за прво место во групата. Ние пренесуваме најмалку два бода во следната фаза. Со Германија одиме на победа и на прво место, истакна Миркуловски.
Дуелот Македонија – Германија во 3.коло од Ц-групата на програмата е утре од 18:15 часот.