Панче Ќумбев ќе ги „лови“ наместените фудбалски натпревари во Македонија
Актуелниот претседател на Синдикатот на фудбалери и поранешен фудбалер Панче Ќумбев е сертифициран тренер за откривање на наместени натпревари. Тој сертификатот го доби деновиве откако претходно посети обука што се одржа во Букурешт заедно со првите синдикалци во фудбалот на земјите од Европа кои се членки на ФИФА. Обуката беше реализирана под покровителство на ФИФА, на Интерпол и на ЦИА, кои на светско ниво ја започнаа кампања „Немој да местите фудбалски натпревари“.
“Имавме четиридневна обука и тоа многу интензивна во Букурешт на која предавач ни беше една госпоѓа агент на Интерпол од Ирска, инаку доктор на науки за откривање на наместени натпревари. На почетокот на обуката да бидам искрен јас се посомневав кога видов дека станува збор за обучувач жена. Потоа сватив со каков капацитет на познавање на материјата располага без разлика што станува збор за жена. Вежбите што ги имавме, во кои ние создававме и истражувавме случаи на наместени фудбалски натпревари, беа особено корисни. Сертификатот што го добив ќе ни биде од огромно значење и мене и на Синдикатот на фудбалери на Македонија,“ рече Ќумбев.
На обуката во Романија освен македонскиот Синдикат на фудбалери учествувале и првите луѓе на синдикатите од поранешните југословенски републики како Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора како и на повеќе други европски држави, на Русија и Украина.
Сега Ќумбев се подготвува за учество на светскиот Конгрес на Унијата на фудбалери во Костарика, во ноември годинава, каде очекува македонскиот Синдикат на фудбалери да добие статус на кандидат за членство.
„Тоа е значајно затоа што е многу полесно да се справиш со наместените резултати кога зад тебе стои ФИФА. Искрено се надевам на позитивни вести во ноември,“ рече Ќумбев.
Тој потоа ќе треба да ја следи состојбата со одржувањето на фудбалските натпревари во Македонија и заедно со Синдикатот на фудбалерите да ја сузбива незаконската појава на местење на резултати во македонскиот фудбал. Инаку на светско ниво веќе се евидентирани бројни злоупотреби кои носат огромни профити на фудбалери или фудбалски клубови.
Убавка Јаневска