Меморијален турнир во кошарка „Ордан Тотов“
Кошаркарските ветерани од Кавадарци го иницираа одржувањето на првиот меморијален турнир посветен на една од најголемите кошаркарски легенди на сите времиња, Ордан Тотов. Во спортската сала „Јасмин“ кошарка играа ветераните од КК „Тиквеш“ и КК „Борец“ од Велес.
Почитта кон Тотов ја искажаа голем број на кошаркари од повеќе генерации, сите легенди на своето време, тренери, пријатели, роднини, но и гледачи кои со децении наназад ја следат кошарката во градот.
„Ордан Тотов е една од нашите најголеми кошаркарски легенди на Кавадарци, и тоа беше главниот повод да го организираме овој меморијален турнир, кој се надевам дека ќе стане традиционален и помасовен. Годинава на турнирот покрај организаторот, кошаркарскиот клуб Тиквеш ни гостуваа ветераните од тимот на Борец, со кои имаме долгогодишна одлична пред се спортска соработка и гостуваме редовно на нивните два меморијални турнири посветени на нивните кошаркарски легенди Тони Виларов и Бранко Ацков“ – рече во својата изјава Александар Клинчаров, поранешен кошаркар на кошаркарскиот клуб Тиквеш и еден од иницијаторите за организација на турнирот.
“Кошарка во Кавадарци се игра од 1959, но на интензитет добила во седумдесетите години од минатиот век, односно во времето кога југословенската кошаркарска репрезентација станува светски шампион во Љубљана. Токму таа 1970 година е и формиран кошаркарскиот клуб Тиквеш, во кој како најмлад член е Ордан Тотов. Тотов прераснува во вистински лидер на својата генерација, постигнувајќи по 30 и повеќе поени по натпревар. По завршувањето на карирерата е назначен за тренер на КК Тиквеш, а својата успешност ја потврдува и надвор од теренот како успешен бизнисмен“, рече директорот на Музеј галерија Кавадарци, Петре Камчевски и поранешен кошаркар.
Покажувајќи дека годините не им можат ништо на нивниот талент и кошаркарско знаење, ветераните од двата тима одиграа интересен натпревар за публиката која имаше ретка можност на едно место да ги види легендите на кавадаречката кошарка од повеќе генерации како браќата Спанџови, Доно Шкартов, Ацев, Ристо Камчев, Петре Камчевски, Митко Каровски, Ѓоко Наумчев, Мицев и Тодор Гечевски./А.Д