Марјан Бонев атлетичар на клубот „Велес’ : „Засега сам вложувам во нов спорт кој завзема јак подем“
Освоеното трето место на атлетичарот Марјан Бонев од Атлетскиот клуб „Велес“ викендов на Државното првенство во полумаратон во Скопје не поттикна да го побараме овој спортист. Неговиот постигнат резултат од еден час, 14 минути и 47 секунди на патеката долга 21.1 километар беше предизвик за разговор што со него го имавме и во кој откривме дека Бонев последниве шест месеци живее на релација Скопје – Франкфурт а од неодамна стана и член на велешкиот атлетски клуб.
Дваесет и осум годишниот велешанец на почетокот на разговорот фокусот го стави на неговата посветеност на OCR – Obstacle Course Races – трки со препреки кои се претежно планински трки и кои изобилуваат со природни и направени препреки. Станува збор за развој на нов спорт кој завзема јак подем од 2010 година наваму што го популаризираат повеќе светски брендови меѓу кои најпознати се Sparta Race, Strong Viking, Tough Mudder, Getting Tough и други.Бонев веќе во месец мај, годинава, ќе ја провери својата кондиција на една ваква и за него многу важна трка во Холандија.
„Станува збор за трчање по нерамен планински терен, стрмни нагорнини и опасно лизгави удолници, поминување под мрежи поставени во брзи ладни планински реки, носење вреќи со песок, трупци, превертување тракторски гуми, влечње цигли, трчање во кал до колена, прескокнување конструкции, лазење под бодликава жица, качување по јаже и скокање од висина. Тоа се само дел од многуте секогаш дополнети со нови препреки. Овие трки се најчесто во должина од 5 до 42 километри, колку поголема километража толку поголем простор за повеќе препреки па така едно од моите следни учества конкретно на 21 Мај е на досега најтешките трки за мене од ваков тип чиј карактеристки се 42 километри со 2600 метри висинско искачување и 100 препреки по должина, што ќе се одржи во Амстердам,“ рече Бонев.
Неговите очекувања од учеството на оваа трка се големи.
„Иако оваа трка е на само две седмици пред Европското првенство на трки со препреки сепак играм на картата да се запознаам со колку може повеќе препреки за да не бидам изненаден од трката на ова првенство на која ќе нема простор да се учи техника за поминување на одредена препрека туку ќе треба да биде однапред позната и извежбана, а најинтересниот податок е што карактеристиките на патеката за Европското првенство се сеуште непознати,“ рече Бонев.
Во календарот на Бонев, за годинава, е запишана и трката во планински трчање без препреки, што ќе се одржи во соседна Грција.
„Додека на полето на планинското трчање, без препреки, најинтересен предизвик за оваа сезона е Олимпус Маратон која се карактеризира со 42км должина и околу 3000м висинско искачување до подножјето на врвот Олимп (под Тронот на Зевс) до највисока точка од 2780мнв, потоа следи стрмно спуштање надолу до Литохоро,“ рече Бонев.
Тој засега нема спонзори и буквално сите трошоци си ги покрива сам, од својата заштеда. На тоа вели дека гледа како лична инвестиција. Сепак нему мислиме дека добредојден би му бил секој денар што можеби во него би го инвестирале спонзори заинтересирани за овој вид на спорт.
„ На некој начин на се она што е поврзано со личните вложувања гледам како на инвестиција која зависно од посветеноста и постигнатите резултати може во иднина да резултира со поддршка од некој спортски бренд, локалната власт или државата во знак на мотив и благодарност за претставување на државата на овие европски и светски трки,“ рече Бонев.
На крајот од кусиот разговор му посакавме среќа и секако остварување на висок пласман што освен за него ќе биде значаен за градот и државата што Бонев ги претставува./У.Ј
Линкови од трките кои годинава се предизвик за младиот велешки атлетичар:
(http://strongviking.com/iron-viking/)
(http://ocreuropeanchampionships.org/)
(http://www.olympus-marathon.com/)