Фени индустри забележа уште една победа над Работнички
Со резултат 108:93 заврши натпреварот помеѓу Фени индустри и Работнички во салата Јасмин во Кавадарци.
Без резултатски притисок, кошаркарите на Работнички му парираа на фаворитот се до 28мата минута од натпреварот, кога Фени за прв пат стигна до двоцифрена предност. По 2 минути игра во последниот период Фени стигна и до максималните 21, но Мираковски, Чековски, Ефремовски и Станков не му даваа мир на Малинков, топејќи ја предноста на само 11 поени, но за да нема тензија во финишот се погрижија Јане Петровски и Ќире Николовски со пет врзани поени, за мирен финиш и триумф од 108-93.
НБА резултатот беше причина дури 12 кошаркари да го завршат мечот со двоцифрен број поени, и тоа по шест во двете екипи. Кај Фени најефикасен вообичаено беше Враговиќ кој овој пат броеше до 26, Пековиќ уфрли 22, Николовски 17, Ивеља 15, Стајиќ кој беше одличен и во одбрана го заврши мечот со 12 поени, додека Петровски постигна 11 поени. Кај гостите со 23 поени најефикасен беше Чековски, Ефремовски постигна 19, додека Мираковски, Станков и Николиќ по 15.
„Одигравме лошо во одбраната, и недозволиво за на домашен терен примивме 93 поени. Игравме под притисок, затоа што моравме да го добиеме натпреварот и да ја зачуваме третата позиција, за разлика од Работнички кој игра растоварено и без резултатски притисок. Добро е што на крајот стигнавме до победата, па сега имаме цела седмица да се подготвиме за МЗТ и да го нападнеме во нивната сала, затоа што таму немаме што да загубиме“ – изјави по натпреварот предводинкот на Фени, Љупчо Малинков.
За разлика од него, Докузовски кратко изјави: „Им ја честитам победата на домашните кошаркари, беше тоа натпревар со многу поени, во кои публиката имаше можност да ужива“.
Во следното коло кое на програмата е следниот викенд, Фени му гостува на шампионот МЗТ Скопје./A.Д