Неделава, семинар и презентација, на Окинава карате во Велес
Презентација на Окинава карате ќе се случи во поливалентниот простор на ООУ „Блаже Конески“ во Велес, во сабота на 19 март. На презентацијата ќе има гости од Белград. Тоа ќе бидат инструкторот Милан Димитриевски со асистент. Освен презентација, започнувајќи од четврток, 17 март до недела 20 март, во градот ќе се одржи и семинар . За таа цел велешките Окинава каратисти викендов имаа интензивни подготовки.
– Ќе почнеме со тренингот, во четврток на 17 март. Ќе продолжиме во петок во 19 часот и во сабота во 10 наутро. По пауза од неколку часа повторно ќе се вратиме во поливалентниот простор на училиштето Блаже Конески каде вечерта, со почеток во 18 часот ќе се одржи презентацијата. Тоа е настан кој е отворен за јавноста и тогаш можат да дојдат сите љубители на Окинава карате или граѓани кои ги интересира овој вид на спорт. Во недела во 10 часот ќе го одржиме последниот тренинг,“ рече инструктор Борче Видевски.
Во недела, на 20 март ќе се одржи полагање за ученички рангови.
Инаку на семинарот е најавено учество и на каратисти од други стилови. Дел од нив веќе се вклопија во Окинава стилот а дел ќе дојдат за да проследат и да се дружат со колегите. Меѓу нив ќе бидат учесници и каратистите на клубот „Рандори“ како и сенсеј Љубомир Грданов./У.Ј