Ветеранките на ЖОК “Борец“: „Се радуваме што Велес има потенцијал за одбојка“
Вака порано, пред 35 години, изгледаше составот на женскиот одбојкарски клуб „Борец“ од Велес. Тогаш најголем дел од спортиските беа средношколки или бруцоши. Независно од училиштето и образованието кај сите постоеше огромна љубов кон одбојката. Сите играа со голем жар затоа постигнуваа успеси. Во спортската сала на основното училиште „Благој Кирков“ се бараше место повеќе во публика не само за натпреварите туку и за нивните тренинзи. Тогаш градот одвојуваше сретства за развој на спортот. Но тоа не беа пари кои се делеа за премии туку за купување на опрема, за превоз и за плаѓање на котизации. Тоа на овие тогашни девојки не им сметаше бидејќи тие не играа за пари.
Сега триесет и пет години потоа скоро сите тогашни девојки сега жени и мајки се се одзваа на поканата на организаторот на манифестацијата за промовирање и поддршка на одбојката. Им недостасуваа единствено починатата Елвира Зафирова како и Соња Крстевска која животот ја однесе во Германија додека најделеку од нив е Ирена Поп Стефанова која сега живее во Австралија.
Со спомените за нив го почнавме разговорот, синоќа, со тогашниот капитен на ЖОК “Борец“ Пепита Павловска Стојковска.
„Бевме првата екипа на ЖОК Борец , тоа беше во далечната 1976 година и сите настапувавме се до 1981 година. Тогаш се натпреварувавме во републичката македонска лига. Нашиот најголем успех го постигнавме во 1981година кога го освоивме првото место во републичката лига и одигравме квалификации за влегување во првата југословенска лига. Со заминувањето на поголем дел од првотимките на факултет, се растури и екипата што инаку ја сочинуваа за жал прерано загинатата Елвира Зафировска потоа јас, Соња Крстевска , Сузана Лапевска, Цаца Костова, Мирјана Андреева , Радмила Ончева , Силвана Ончева,Лилјана Гугинова, Лујза и Ирена Попстафанова. Вечерва сме тука да дадеме поддршка за светскиот ден на одбојката ,“ рече Павловска Стојкова.
Таа додаде дека одбојката не е груб спорт туку интелектуален кој од друга страна го раздвижува целото тело па затоа треба да се спортува затоа што релаксира и физички и умствено.
„Би им порачала на сите деца и младинци во Велес ,кои ја сакаат одбојката, да бидат упорни и да не се откажуваат туку да играат одбојка во сала, на песок, насекаде каде што за неа има услови за игра,“ рече Павловска Стојкова.
Таа мораше да влезе на теренот и да заигра на местото на својата поранешна колешка Радмила Ончева со која го продолживме разговорот и ја прашавме што мисли дали годините влијаат врз спортувањето како и за тоа може ли одбојката да ги очекува наследничките на сестрите Ончеви .
„ Годините не се важни , вечерва срцето чука како пред 30 години, исто е чувството само не можеме од земја да се одлепиме. Диета треба да држиме, исто и тренинг, здраво да живееме и со тренинзи да ја подигнуваме кондиција. Мојата и ќерката на сестра ми Силвана се уште се мали но се надевам дека еден ден тие ќе бидат наши наследнички, гените работат. Морам да кажам дека Велес ја има традицијата за спортот, посебно одбојката и ме радува што вечерва видов дека женската одбојка живее. Со овие деца и млади луѓе треба да се работи, во нив има потенцијали, а градот има и добри тренери. Затоа порачувам негувајте ја љубовта кон спортот и само напред, рече ветеранката Ончева.
На крајот констатираше дека воопшто не зажалила што синоѓа дошла од Скопје во родниот Велес кога видела дека во него сеуште има интерес и млад потенцијал за одбојка./У.Ј