Велешката спортска легенда Тодор Мијаков – Кошот го поседува билтенот – потврда за градот во кој се играше врвен ракомет
Велешките спортски легенди: Мијаков, Гајдов и Гигов
Спортот е она културолошка и интелектуална надградба која го одсликува духот и карактерот на секој народ, на секоја нација. Можете да бидете голем или мал народ, ама во спортот да ги имате сите карактеристики на голем спортски див, кој може да се носи и натпреварува и со најголемите и најразвиени светски и европски велесили.
Најтрофејниот состав на ЖРК „Борец“
Секоја епоха и секој спорт си има свои спортски херои. Порано и врвните спортисти биле аматери и се натпреварувале од љубов и постигнувале резултати несразмерно добри во однос на условите во кои тренирале и се натпреварувале.
Велес бил расаник на многубројни спортисти, кои во рамките на Македонија и во поранешна Југославија биле во врвот на разни видови на спортови.
Таков спортист е секако Тодор Мијаков – Кошот, човекот кој спортувал и бил во свое време врвен спортист на ниво на тогашна Југославија.
Тодор играл ракомет, кошарка, одбојка, пинг-понг, бил фудбалски голман, дури и во Втората фудбалска лига на Југославија.
Кога го запрашав од каде му доаѓа неговиот прекар – Кошот, по кој е познат не само во Велес туку и пошироко, тој се насмевна и кажа дека го добил после едена кошаркарски натпревар против екипата на Струмица кога во гости постигал 60 и повеќе кошеви!! Поради овој подвиг го добил прекарот – Кошот.
Пред натпреварот ЖРК „Борец“ и „Партизан“ од Бјеловар
Но, пиејќи кафе со него, ми покажа еден мал билтен за велешкиот најтрофеен спорт од далечната 1967 година, кога Железничарскиот ракометен клуб „Борец“ од Титов Велес , по третите квалификации успеал да влезе и да се натпреварува во Првата сојузна ракометна лига на Југославија!
– Во 1965 година игравме квалификации во Ријека – Хрватска, една година подоцна во Лесковац – Србија и трет пат во 1967 година квалификациите се одиграа во Велес. Тогаш успеавме да влеземе во Првата лига, – рече Мијаков.
Овој скромен Велешанец и редок спортист за среќа го сочувал во својата документација овој редок документ и извор на информации.
Во него освен играчите на ЖРК „Борец“, можете да ги видите и резултатите по утакмици, во кои судел, делегатите и секако спонзорите како и изгледот на билетите за натпреварите.
Ракометниот историски документ на Велес
Насловната страница на историскиот документ
Раководителите на ЖРК „Борец“: Ристе Ристевски и Ѓоре Тасев со тренерите Панче Николовски и Миле Кратовалиев
Најтрофејниот состав на ЖРК „Борец“
Понатаму нема да пишувам. Ќе оставам да го прелистате Билтенот посветен на овој настан кој во Велес и ден денес се раскажува. А посетеноста од 5 до 12.000 навивачи по натпревар што не верувам дека некогаш ќе биде надмината.
Билетите за натпреварите што биле рекордно продавани
Сосема на крајот, најкратко, уште оваа информација. Во 1968 година во Кумровец, Хрватска, ЖРК „Борец“ одиграл натпревар во финалето на Купот на Југославија во ракомет со „Партизан“ од Бјеловар и изгубил со 4 голови разлика за што Мијаков рече:
– Не можевме повеќе. „Партизан“ во тоа време беше „скелетот“ на југословенската ракометна репрезентација.“
Почитувана велешка спортска легендо, Тодоре Мијаков, ти благодарам што сподели дел од историјата на велешкиот ракомет.
Љупчо Данов