Во екот на ракометната сезона ГРК „Борец“ не тренира и нема да се натпреварува се до формирањето на новата клубска управа
Играчите на ГРК„Борец“ повеќе нема да тренираат и нема да играат натпревари. Тие донеле колективна одлука што ќе му ја предадат на Советот на Општината затоа што се формирани со негова одлука донесена во времето на претходниот мандат. На ваков чекор тренерот Васил Василев, капитенот Ивица Илиевски и играчите се приморани бидеки не добиле две плати, стариот состав на Управниот Одбор на клубот си даде неотповиклива колективна оставка и сега тие се оставени сами на себе.
Членовите на Одборот на ГРК „Борец“ оставките ги поднесоа веднаш штом на локалните избори во Велес изгуби ВМРО ДПМНЕ а победи СДСМ. Тогаш играчите преку Фејсбук бараа помош од сеуште неконституираниот нов состав на Советот, советникот др Коциќ и новиот Градоначалник Аце Коцевски за проблеми со одигрување на еден натпревар, за што беше најдено компромисно решение. Потоа членовите на Одборот се покајале и се вратиле кога им соопштиле на тренерот, на капитенот и на играчите на ГРК „Борец“ дека ќе останат се додека не се види како новиот состав на Советот на општината ќе се изјасни за статусот на овој машки градски ракометен клуб.
– Потоа Претседателот на Советот на Општина Велес Душко Петров и советникот Ненад Коциќ не примија на разговор на кој ни соопштија дека е разрешена старата Управа и ќе биде формирана нова управа на клубот. Ни рекоа дека за жал поради долговите на општината, во 2018 година, не ќе може да не поддржат со 5 милиони туку со 1,5 милиони денари. Ние од нив побаравме најитно да ни кажат што со сретствата од стариот буџет каде до крајот на 2017 година ГРК Борец беше проектиран со финансиска поддршка од 5 милиони денари за што имаме валидни договори и побаравме нивен став како ќе продолжиме да функционираме вгодина. До денеска не добивме одговор . И покрај тоа ние ги одигравме натпреварите со „Радовиш“ во гости, со “Пролет“ дома и со „Металург2“ но повеќе не можеме да чекаме бидејки повеќемина од играчите живеат токму од парите што ги добиваат од клубот, рече Илиев.
Тој додаде дека до денеска, 20 ноември, тие сеуште немаат земено плата за месец октомври или вкупно две ниту премии за што бараат итна средба на која Советот на Општината ќе им соопшти какви намери има со статусот на клубот и играчите. Тоа на играчите им е особено значајно за да донесат одлука дали ќе останат или ќе си земат исписница и ќе си заминат од ГРК „Борец“.
– Оставени сме сами на себе повеќе од еден месец. Приморани сме да ги изнесеме во јавност сите проблеми во клубот и да издејствуваме конкретен став по прашањето ќе продолжи ли со работа ГРК „Борец“. Имавме неофицијални информации дека новата Управа ќе биде конституирана минатата недела но за жал тоа не се случи. Многу споро се одвиваат работите. Следејќи ја ситуацијата со останатите градски клубови, во другите општини, дознаваме дека тие функционираат многу подобро од претходно со исплатени плати, премии итн. Кај нас се стои во место и се губи драгоцено време во ек на натпреварувачка сезона во која што се натпреваруваат уште младинската и кадетската екипа а тоа се три натпревари неделно а ние не знаеме каде да се обратиме и кој да ни закаже превоз, рече тренерот Василев.
И тоа не се единствените проблеми туку клубот не знае ни како да обезбеди превоз за гостување и како да ги исплати судиите кој ги судат натпреварите. Тренерот Василев при правењето на паралелата со подобриот начин на функционирање од претходниот период ги наброја градските ракометни клубови во Охрид, Битола, Радовиш и Прилеп.
На прес конференцијата експресно со писмен став реагираше градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Во него пишува:
„Свесен сум за настанатата ситуација и проблемите со кои се соочуваат сите во клубот. Токму затоа веќе започнавме со правна процедура за итно решавање на состојбите во интерес на спортисите и останатите лица во клубот. Заедно со членови на Советот на Општина Велес согласно правните лекови кои ги имаме на располагање ќе побараме свикување на вонредно собрание на акционерското друштво ,за превземање на итни активности за формирање на органите на акционерското друштво. Нашата администрација веќе ги подготвува документите за сите активности да бидат превземени на наредната седница на Советот на Општина Велес закажана за 27-ми Ноември. На седницата ќе бидат донесени сите клучни одлкуки кои ќе ја одблокираат работата на клубот во правен контекст.“
Коцевски и Советот на Општината остануваат на ставот дека и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат работата на клубот но не со 5 туку со 1,5 милион денари во 2018 година. Што пак остава простор на новата Управа да поработи на пронаоѓање на дополнителен извор на финансирање за да се задоволат потребите на градскиот машки ракометен клуб. /У.Ј