(ВИДЕО) Веселиот Дедо Мраз во хуманитарна акција на централната градска улица во Велес
29.12.2020
Полна кошница со детски играчки и Веселиот Дедо Мраз е глетката што ќе ве затекне уште утре на тротоарот на улицата „Благој Ѓорев“. Најпосакуваниот дедо на светот овојпат дели играчки што дечињата во градот си ги земаат од неговата кошница. И следи неизбежното фотографирање на веселите дечиња со Веселиот Дедо Мраз.
Но овој пат акцијата има хуманитарна цел. Убавите детски играчки, што дечињата си ги земаат од кошницата, се донација од родители чии деца пораснале и не си играат со нив. Родителите му ги донирале на Веселиот Дедо Мраз а тој ги повикува децата кои поминуваат на улицата да си ги земат.
-„Од дечиња за дечиња“, така ја насловив оваа хуманитарна акција што деновиве ја реализирам на улица, на тротоарот на “Благој Ѓорев“ , на потегот од зградата на велешки театар до паркот пред Гимназија „Кочо Рацин“. Многу радосни детски лица видов и среќа споделивме во пресрет на новогодишните празници, затоа што играчките донирани од дечиња не мора да се фрлаат туку нив да ги добијат некои други дечиња. Доколку има и други донатори, родители подготвени да ги подарат играчките од своите деца, оваа акција ќе трае. Веселиот Дедо Мраз има и телефон со број 071 274 202 и доволно е само да го повикаат, рече Веселиот Дедо Мраз.
Тој исто така може да ги посети децата во домовите на велешани, да ги подели новогодишните ќесиња и подароци.
Убавка Јаневска