(ВИДЕО) Во дворовите на ПОУ „Маца Овцарова“ и клон „Ѕвончица“ на детската градинка засадени по 25 израснати туи
28.12.2020
Дрвореди од туи се засадени викендов во дворовите на посебното основно училиште и клонот на ОУЈДГ „Димче Мирчев“ што се наоѓаат на левата страна на Велес. Ги засадија акцијашите ветерани на Работната бригада „Кочо Рацин“, поддржувачите на „Фокус“ и вработените откако претходно се ископаа дупките.
Дрворедите се дел од седуммесечниот проект „Зелени детски градини“ на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ во кои децата од клон „Ѕвончица“ на детската градинка „Димче Мирчев“ и учениците од ПОУ„Маца Овчарова“ се едуцираа за одгледување на билки и зачини, од сеење на семе преку одгледување на стебла до прва берба, како и за заштита на животната средина во Велес со засадување на што поголем број на садници и дрвца. Во едукацијата учествуваа и вработените, негувателки, воспитувачи, наставници и технички персонал.
Сега дворовите на двете образовно згрижувачки институции добија сосема нов изглед. Тие се украсени со вертикални градини, создадени од палети, на кои билките се одгледуваат во жардињери и саксии како и дрвореди од туи за кои ќе се грижат децата и учениците.
Нивните израснати билки и зачини ќе се употребуваат во исхраната додека дрворедите ќе им го прочистуваат воздухот и ќе ги разубавуваат нивните дворови. Тоа е особено значајно за време на пандемијата со коронавирусот затоа што и двете институции ќе имаат простор за училници на отворено.
Децата и учениците веќе стекнаа навики за редовно полевање на се што е засадено со градинарски кантички и користење на градинарски алати.
Проектот на Фондација Фокус финансиски го поддржа Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање и го помогна Општина Велес. „Зелените детски градини“ поддршка во материјални добра или палети добија од компаниите „Хемомак“ и „Ронтис“, фрезирање на земјените површини и дополнително украсување со ниско зеленило од ЈКП „Дервен“, дупчење со компресор од ГП „Делта пром“ додека изработката на двата пластеници за одгледување на зеленчук и овошје ја завршува Фабриката за шински возила „Колска“.
Поставувањето на пластениците и засадувањето на расадот, што ќе се случи во првата половина на месец јануари 2021 година, ќе бидат последните активности на проектот. Првите две „Зелени детски градини“ официјално ќе бидат предадени до крајот на наредниот месец.
Стоилко Андреевски