Коцевски: Состојбата со ковид-19 во велешко се смирува, но нема место за опуштање
4.12.2020
Вирусот е широко распространет, промени на дневна основа има, но не можат да се лоцираат кластери со исклучок на неколку жаришта каде тие се семејни и соседски. Лоцираните жаришта се во Горно Оризари, Мелница и Градско.
Денеска до пладне лабораторијата на Институт за јавно здравје регистрира нови осум ковид пациенти што не треба да се земе како краен резултат бидејќи целосните информации, како стигнуваат анализите во текот на денот и од другите лаборатории, бројот се очекува да биде далеку повисок и како целосни ќе ги соопшти Министерството за здравство. Денеска се регистрирани 30 оздравени пациенти.
Овие податоци ги соопшти денеска градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, на прес конференција што се одржа напладне.
-Досега има регистрирано 2.127 позитивни велешани на ковид-19, од нив 1297 се оздравени, 761 се активни, 691 се позитивни и се лекуваат дома, 63 се лекуваат болнички на Инфективно одделение во вечешка болница, еден во Торакална хирургија во Скопје, шест се во приватни болници во Скопје и досега починале 69 лица. Податоците од Општа болница Велес се следниве: вклупно се лекуваат 61 хоспитализирани пациенти и од нив 52 се на Инфективно одделение, пет на Одделението за физикална терапија и четири на Интерно одделение кои се негативни но се задржани поради довршување на лекувањето. Педесет од пациентите се позитивни, седум се сомителни и четири негативни. Вкупниот број на пациенти на кислородна поддршка изнесува 25. Од вкупниот број на хоспитализирани пациенти 53 се од Велес, 4 од Свети Николе и по двајца од Градско и од Чашка. Во моментов има 20 слободни кревети, притисокот е намален, кислород редовно има и постојано се набавува, рече Коцевски.
Од другите информации, по одржаната седница на Кризниот штаб, градоначалникот соопшти дека Здружението на матични лекари информирало за намален бројот на термини за тестирање на корона вирус во последните денови што е причина за побрзо наоѓање на термини во споредба со претходниот период.
Како негативна појава е констатирано доаѓањето на сомнителни граѓани од други градови, за земање на брисови, кои поради тоа што не знаат каде се наоѓа пунктот одат во велешка болница, Брза помош или Центар за јавно здравје.
-Поради контактите на овие лица со вработените се доведуваат во опасност други наши сограѓани и тоа како проблем во наредниот период треба да се реши за сомнителните на ковид-19 да не се шетаат непотребно по институциите. Како негативност исто така беше потенцирано немањето на прифатен центар во Велес за потенцијално заболените бидејќи кога одат во други здравствени институции за лабораторија или ренген претставуваат потенцијална опасност за тие институции, додаде Коцевски.
Сега во Велес има заболени и во изолација во следниве институции: 18 во Општа болница Велес се позитивни и шест во изолација, тројца се позитивни во Центар за јавно здравје, шест позитивни и еден во изолација во Здравствен дом, како и двајца матични лекари се заразени а еден пожарникар е во изолација.
Нема заболени деца но има едена воспитувачка во изолација како и еден вработен во стручната служба на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ како и 16 позитивни и 99 ученици во изолација од велешките училишта, потоа 18 позитивни и 12 наставници во изолација, по еден позитивен и во изолација од стручните служби како и 9 позитивни и 4 во изолација од техничките служби. Нема позитивни но има двајца директори кои се во изолација.
Двајца полициски службеници и двајца припадници на АРМ ја обезбедуваат велешка болница за да можат тамошните вработени лица како обезбедувачи да се вклучат во неопходните растовар и транспорт на боци со кислород на одделенијата и друг вид на помош во услови на пандемија на коронавирус.
Во изминатите две недели, полициските службеници издале 348 прекршочни налози за неносење заштитна маска на граѓани како и дека контролираат вкупно 1.068 лица од кои 764 се позитивни а 326 се во изолација, поради контакт со позитивни лица.
Убавка Јаневска