Починат велешанец на улица,неготинец пронајде неексплодирана граната и 57 казнети велешани за неносење заштитна маска
24.11.2020
Вчера утро во 04:50 часот случајниот минувач Б.Т.(28) од Велес пријавил дека на ул.„Вера Циривири“ има починат маж. Пријавувачот се јавил во Полициска станица Велес чија екипа извршила увид кога првично констатирала дека станува збор за Н.Џ.(71) од Велес. Бил повикан и лекар од Итна медицинска помош што ја констатирал смртта на починатиот велешанец без траги на насилство.
Телото е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје.
Изминатава сабота, на 21 ноември во 11.35 часот во Полициската станица Неготино М.М.(50) од село Курија, неготинско, пријавил дека, додека изведувал земјоделски работи во нива, во близина на селото, пронашол стара неексплодирана граната.
-Гранатата била подигната и обезбедена од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување, рече портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.
Секторот за внатрешни работи Велес соопшти дека во изминатите 24 часа полициски службеници евидентирале 74 лица за непочитување на Уредбата за носење на лична заштита. Од вкупниот број 57 се велешани, 10 се кавадарчани и седум неготинци. Според полицијата против овие лица ќе следуваат соодветни мерки.
Стоилко Андреевски