Велес неделава добива три мерни станици за регистрирање на квалитетот на воздухот
23.11.2020
Мерните станици што ќе го мерат загадувањето на дневна основа и загадувачот се дел од проектот“Еко-монитор“ на ЕД „Вила Зора“ во соработка со “Инфо проект“ од Скопје. Трите мерни станици ќе се распоредат на три локации. Прва во центарот на грaдот, втора во новиот дел на Велес, Нова населба, како и трета во населба Шорка. Мерните станици се дадени на времено користење поточно за шест месеци.
-Мерните станици ќе мерат ПМ 10 честички, ПМ 2,5 честички, азот диоксид NO2, јаглероден моноксид CO, сулфур диоксид SO2, брзина на ветер , температура, атмосверски притисок, влажност. Овие мерни станици се според европски стандарди за квалитет на воздух и се изработени со финансиски средства од проект од Фонд за иновации на Северна Македонија, рече на денешната прес конференција Сашка Коцевска од ЕД „Вила Зора“.
Она што е особено важно е што мерните станици за прв пат ќе можат да го мерат загадувањето што го предизвикуваат ПМ 2,5 честички, што се невидливи со голо око, но се многу опасни за здравјето на луѓето.
-Освен финансиските проектни средства од страна на Фондот за иновации на РСМ во изработката на мерните станици свои средства вложи и „Инфо проект“. Во нив се вградени сензори од познати светски производители, сертифицирани во Европа кои даваат најголема точност во мерењата. Станиците се изработени според европските стандарди за квалитет на воздух. Велес ќе биде трет град каде што ги поставуваме откако претходно ги има во Скопје и во Куманово, Ванчо Орданоски од „Инфо проект“.
ЕД „Вила Зора“ одлучи мерните станици да ги постави на приватен имот со запазување на сите неопходни параметри како одвоени од почвата до 3 метри висина, заштитени од директна изложеност на сонце, ветер и дожд и слично.
Мерните станици ќе мерат загадување во секунди додека резултатите ќе се објавуваат секој час на страницата ekodata.live. Таа е во функција и сега. Сепак велешани првите резултати колку е загаден воздухот во градот и со кои параметри ќе можат да ги следат веќе од наредната седмица.
Убавка Јаневска