Само двајца матични лекари во Велес успеале да направат резервација за бесплатните вакцини против сезонски грип
10.11.2020
Еден матичен лекар и една матична лекарка во градот се единствените кои синоќа дознале и веднаш букирале термин за вакцинирање од сезонски грип на свои пациенти. И да биле најбрзи секако интересно е како ја дознале информацијата дека Министерството за здравство пуштило термини. Тоа се прашуваат денеска останатите матични лекари во Велес кои на прашањето на Дума.мк рекоа дека до нив не стигнало известување ниту официјално од здравствените власти ниту од Здружението на приватни лекари на Македонија.
Сепак неколкумината велешки матични лекари реагираат на ваквата појава и сметаат дека нивните приватни здравствени организации не се ставени во „еден кош“ со овие, најбрзите. Денеска не успеале тоа да им го објаснат на своите пациенти, особено на хроничните, за кои направиле листи според приоритетот на заболување.
-Закажувањето на терминот за вакцинирање беше најбаран од страна на возрасните и хронично болните пациенти. Со некој од нив и по четири пати моравме да се разјаснуваме зошто по објавата на медиумите дека од денеска започна вакцинацијата ние им велиме дека нема термин за бесплатна вакцина, барем засега, рече д-р Лили Чолакова Дервишова претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија.
И таа тврдеше дека не дознала навреме и дека не била информирана од министерството за да ја сподели информацијата на колегите кои се членови на здружението.
Од матична лекарка исто така денеска Дума.мк беше информирана дека оваа прва распределба на бесплатни вакцини за сезонски грип е наменета само за трудници и малолетни деца. Треба да се чека на втората количина што ќе можат да ја искористат хронично болните пациенти.
Информации немаат ниту во Центарот за јавно здравје Велес. Директорката Анастасија Иванова соопшти дека вакцините и вакцинацијата ќе се спроведува во Здравствен дом Велес и затоа е потребно за сите информации да се побара одговор во оваа јавна здравствена институција.
Повеќемина пациенти, претежно хронично болни, денеска реагираа во нашата редакција и побараа Министерството за здравство да соопшти транспарентни податоци колкав е бројот на вакцини против сезонски грип што го ставил на располагање на Здравствен дом Велес, колку пати тој е помал од Скопје, дали по првата ќе има и втора бесплатна количина и кои се ќе може бесплатно да се вакцинира.
Инаку министерството најави дека за потребите на заинтересирани граѓани ќе има и комерцијална вакцина за сезонски грип но не соопшти колку таа годинава ќе чини.
Убавка Јаневска