23 Октомври – Денот на почетокот на организирана револуционерна борба за ослободување на Македонија и нејзина самостојност
23.10.2020
Овој ден, кој многумина го поврзуваат со формирањето на една политичка партија во Македонија, сепак треба да се одбележува како ден на почетокот на организирана револуционерна борба за ослободување на Македонија и нејзина самостојност, односно како ден кога започнал револуционерниот полет и мислата за слобода, самостојност и државност на македонскиот народ.
Најпрвин ќе кажам нешто за почетоците , а потоа директно ќе Ве потсетам што се случувало во Велес и како Велес станал еден од првите и значајни центри на револуционерната дејност за ослободување на Македонија.
На 23 октомври 1893 година во Солун е формирана Македонска Револуционерна Организација ( МРО) од група на истакнати Македонски интелектуалци. Основоположници на ова организација биле : Дамјан (Даме) Груев -професор, роден од битолско-демирхисарското село Смилево, д-р Христо Татарчев -лекар од Ресен, Петар Поп Арсов – професор, роден во велешкото село Богомила, Иван Хаџи Наумов – книжар, роден во Кукуш, Антон Димитров –учител, роден во солунското село Ајватово и Христо Батанџиев ,професор, роден во Гуменџе,Ениџе Вардарско.
Конститутивниот состанок се одржал во куќата на Иван Хаџи Николов, а шестемината основоположници на Македонската револуционерна организација (МРО) не оставиле пишан документ. Договорено било седиштето на организацијата да биде во Солун, а Петар Поп Арсов бил задолжен да го изработи првиот Устав на Организацијата.
Петар Поп Арсов, немајќи дотогашно искуство, по примерот на Бугарскиот револуционерен централен комитет, изработен во Букурешт во 1870 година, го составил првиот Устав на МРО. Тој Устав е усвоен на состанокот одржан во јануари 1894 година. од основоположниците на Организацијата.
Според Уставот, Македонската револуционерна организација со седиште во Солун, за прв Претседател на Централниот комитет го избира Д-р Христо Татарчев, а за секретар-касиер Дамјан Груев. Уставот предвидувал МРО да биде тајна организација која ке се бори за автономија на Македонија во рамките на Турската османлиска држава, како преодна фаза до создавање на своја конечна самостојност и државност.
Во 1896 година, по три годишна работа, МРО одржала Конгрес во Солун , а освен шестемината основачи присуствувале уште и Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов и други. Според Уставот Организацијата се проширила и на Одринскиот крај поради што Организацијата го добила името – ТМОРО ( Тајна Македонско-Одринска Револуционерна Организација). Според новиот Устав и Правилникот на Организацијата (изработен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров) највисок орган на ТМОРО бил Конгресот. За полесно раководење територијата на Македонија била поделена на 5 окрузи, а окрузите на градски и селски комитети.
Велес во 1894 година
Да напишеме и за почетоците на Организацијата во Велес и велешко. Во сведочењата на проф. Тодор Шоптрајанов, главно црпени од белешките на Бано Кушев кој бил главен учител од Велес, токму ТМОРО и се спротивставила на бугарската егзархија во Велес, кога поради застапување на идеите на македонизмот, а против бугарското влијание во образованието, требало да бидат прераспределени на нови работни места велешките учители Белев, Кулишев, Д.Цонев и П.Мишев.
Во летото 1894 година било договорено да се набават учебници од Иван Хаџи Николов, но егзархиската страна барала тие да се набават од книжарницата на Коне Самарџиев, проверен егзархист.
Владиката Авксентиј
Тогаш се замешал и новодојдениот егзархиски владиката Авксентиј, млад и пријателски настроен кон Светогорците,членовите на ЦК на ТМРО, кој дозволил учебниците да бидат на македонски јазик .
На празникот Свети Арангел, според Јулијанскиот календар на 21 ноември, од Штип каде бил учител во Велес дошол Гоце Делчев и во куќата на Анушка Коробарова повеќемина велешани стапиле во редовите на Организацијата. Куќата на Коробарови се наоѓала на место на поранешната Стоковна куќа ,,На-Ма“, во центарот на Велес.
Свечениот чин ,„покрстување“ пред Евангелието, светиот крст, камата и револверот започнал со зборовите :
„Се колнам во верата,совеста и честа дека ќе работам за слободата на Македонија и Одринско, со сите свои сили и средства и дека никогаш нема да ги предадам тајните на револуционерното дело. Во случај да го сторам тоа, да бидам убиен со овој револвер или со таа кама што ја целивам“.
Тогаш Гоце Делчев ги запрашал присутните дали се спремни да го носат тешкиот крст на ослободителното дело,а од кога сите од збор до збор ја кажале заклетвата и ја бакнале камата и револверот,поединечно ги избакнал и им одржал говор за целите на организацијата. Крајната цел била – формирање на самостојна и слободна Македонска држава.
Веднаш паднале и првите задолженија. Шнајдерот Диме Чочев бил задолжен да се поврзе со Гнилане и Бујановац и од таму да набави 21 пушка, 42 револвера со по 100 куршуми. Од Србија, преку Скопје до Велес, оружјето го пренеле кираџии, а потоа било поделено помеѓу членовите на Организацијата.
Документ реверс за набавки
Во 1896 година на чело на Месниот Комитет на ТМОРО се наоѓал дваесет и три годишниот учител Ризо Ризов, кој набрзу бил прогонет од тутската власт и морал да го напушти Велес. Наредната година Месниот Комитет на Организацијата го раководеле Васил Думев, Иван Богданов и Иван Војницалиев.
Меѓу првите акции на Организацијата било киднапирањето на дванаесет годишниот син на Саздо Весов, богат трговец од Велес, кое завршило неславно. Се случиле апсења, а осудени на казна затвор биле Јордан Прнаров – учител, Диме Заската- касап, Темелко Наумов од село Степанци и Апостол Тодоров од село Ореов дол.
Но, Саздо Весов, исплашен, сепак во Солун му дал 200 турски лири како помош за организацијата на Даме Груев.
Ова е историја, но таа треба да се повторува, да се чита и да биде позната за секој Македонец.
Мораме да ја знаеме нашата историја бидејќи со влезот во ЕУ нашата историја ќе стане дел од европската. Затоа, Велешани, прочитајте и запомнете што се случувало во Велес на почетокот на македонската борба, која за жал, се уште трае.
Љупчо Данов, хроничар