Здравковски од протестот со автомобили: „Велес е претворен во обична паланка каде секојдневна е борбата да се преживее“
20.10.2020
Во последните три години сведоци сме на континуирани напади врз опозицијата од страна на локалната и централната власт, обвинувања за наводни криминали, наместени судски процеси и прераспоредување на работни места исклучиво на поддржувачи и членови на ВМРО ДПМНЕ кои биле неистомисленици со владеачката гарнитура, рече вечерва на крајот на протестот со автомобили, пред влезот во Општина Велес, претседателот на Општинскиот комитет и актуелен пратеник Игор Здравковски .
-Истовремено сме сведоци на брутална партизација на државната и јавната администрација, но и отварање и водење на судски постапки кои однапред се веќе со познати завршници. Токму поради сите овие бесмислени и безидејни политички решенија, најмногу тоне и Општина Велес, и наместо да имаме една ветена прогресија на градот, ние добивме само едни празни ветувања и тонење на сите граѓани, тонење на економијата, тонење на инфраструктурата и на сите општествени сфери. Општината, предводена од градоначалникот, заедно со неговите советници и именувани претставници на локалните институции, се однесуваат во текот на сите овие три години како да се во опозиција или уште пострашно како давеници. И покрај нивните несогласувања, тие се во едно согласни, и водени од максимата – ,,Сложни попови и во петок мрсат’’, ни претставуваат една розева слика, а додека глумат загриженост, ги наполнија институциите со партиски кадри, додаде Здравковски.
Според него, поради ваквите постапки, Велес како што рече „ нашата светост и местото кое претставува наш ,,Папок на Светот’’ бил претворен во обична паланка каде секојдневна била борбата да се преживее.
-Партизираната администрација не успеа да оствари ниту 10% од ветувањата за подобар живот на сите. Три години нема ни трага ни глас од инвеститорите, нема ни трага ни глас од економскиот бум, нема трага од ветените проекти. Парковите и игралиштата се празни, продавниците затворени, се помал е бројот на дечиња кои се запишуваат по училиштата, а нивните семејтва купуваат карта во еден правец. Општината пак, нема ништо реализирано од она што го ветуваше во насока на подобрување на инфраструктурата, ги нема катните гаражи, затворениот пазар, атмосферската канализација, го нема ниту новиот мост кај Речани, ја нема обиколницата околу Велес и практично нема што нема,додаде Здравковски.
Тој се пожали дека од друга страна, државата ги одбивала сите амандмани кои ВМРО ДПМНЕ ги се поднел во Собранието на Република Македонија директно наменети за Велес и велешко што кај опозицијата остава впечаток дека дополнително некој се обидувал да го згасне Велес како град на прогресивната мисла, град на културата и град со огромна традиција, додека градските власти и претставници на сите нивоа останувале неми на нивните конструктивни повици.
Здравковски говореше и за голем притисок и обиди да се замолчат неистомислениците преку вршење на мобинг, отварање на беспредметни предмети во Јавното обвинителство и носење на судски одлуки во склад со желбите на налогодавачите односно власта, за конструирани судски процеси против истакнати патриоти со цел директно да им наштетат на нивниот углед. Претседателот на опозициската ВМРО ДПМНЕ и пратеник порача дека мобингот, безидејноста, теророт и узурпацијата на институциите морале да престанат затоа што Велес заслужува подобро и повеќе.
За Велес на мапата на развој и шанса за достоен живот за идните генераци, Здравковски ја побара поддршката на сите велешани, заедно обединети, во борбата во наредните 365 денови за новата ера за Велес, вратен на патот на просперитетот и успехот.
Протестот на ОК ВМРО ДПМНЕ се одржа по повод тригодишнината од локалната власт предводена од владеачката СДСМ./У.Ј