На велешанецот Благој, лице со посебни потреби, неопходна му е здравствена помош од државата која треба да ги знае неговите и на ќерката нехумани услови на живот
16.10.2020
Oва столче е препознатливо за секој граѓанин на Велес што минува преку железничкиот премин на пругата Скопје – Гевгелија на горниот влез во населбата Дворови. Ако столчето е празно тоа значи дека велешанецот Благој, што живее веднаш до поранешниот објект Народна кујна, влегол од спротивната страна на плоштадката, на починка, во приземјето на трошната куќарка која е негов дом. Тоа се случува во мал период од денот бидејќи вообичаено човекот, во поодминати години, седи на столчето. Така е од рана пролет до рана зима, секој ден, веќе со години, можеби децении.
Благој и денеска беше таму, седеше и ги гледаше сограѓаните кои минуваат покрај него. Тој ги познава своите соседи и често им довикнува на име. Така беше и денеска. Вообичаено кога ќе го слушнат своето име го прашуваат, зошто ги вика, му треба ли помош.
Денеска од неразговетниот говор прво заклучив дека не бара помош. И пред да го изминам сосема случајно забележав дека Благој ги подига ногавиците на панталоните. Под старите, изветвени и нечисти панталони што ги носи со денови или месеци се покажаа крвави рани на нозете а на делови и зараснати корузи. Во ништо подобра состојба не беа останати делови на неговото тело.
Благој за жал не успеа во намерата да каже од што се раните кои постојано му предизвикуваат чешање. Посебно на нозете. Тој не знаеше да каже ни кога последен пат е искапен или пресвлечен во чиста облека. Само со климање на главата денеска потврди дека крвавите рани на нозете постојано го чешаат. Кога тој ги чеша, се кинат корузи и од од нив тече крв.
Можеби раните ги предизвикала шуга. Колку и да е ова лична проценка па и делумно точна или не точна, гледката воопшто не е хумана.
И условите во кои живее овој велешанец, со неговата ќерка која е исто така лице со посебни потреби, погледнато од влезната врата на трошниот дом не се во подобра состојба. Тоа говори дека на двочленото семејство му е неопходно потребна помош. Благој е пензионер и неговата ќерка е вработена во фирма која вработува инвалиди но, очигледно е дека како лица со посебни потреби ним им треба надзор од трето лице. Освен за одржување на хигиена, за медицинска помош исто така и за заштита од не добронамерни луѓе.
За состојбата во која се наоѓа ова семејството став побаравме од Министерството за труд и социјална политика. Во писменото барање прашавме дали Благој или неговата ќерка, се корисници на некаков материјален надомест од државата, ако се тогаш подлежат или не на надзор од трето лице и ако не се како државата им помага на лица со посебни потреби кои не можат за себе да се грижат.
До објавувањето на текстот, не добивме одговор од министерството.
Убавка Јаневска