Седум новозаразени, еден оздравен велешанец и еден пациент транспортиран во Скопје поради влошена здравствена состојба
14.04.2020
Во изминатите 24 часа во Велес има седум новозаразени лица со вирусот Ковид-19. Во истиот временски период оздравел само еден пациент.
Дали на новозаразените ќе им треба болничко лекување ќе се знае дополнително бидејќи пред четири часа состојбата на Инфективното одделение беше дека на болничко лекување се вкупно 26 пациенти од кои 24 се позитивни на коронавирусот додека за двајца се чекаа резултати од земен брис иако тие имаа симптоми на Ковид-19. Од нив девет се на кислородна поддршка.
Пациент на 41 година е префрлен на Инфективна клиника поради влошена здравствена состојба.
Сепак од Инфективното одделение на Општа болница Велес денеска се испишани девет пациенти со по два негативни тестови. Нивното заминување дома придонесе да се намали тензичната состојба од максимално исполнет капацитет на 35 пациенти што се покажа во вчерашниот ден.
На одделението сепак се прераспределија уште дополнителен број на 11 кревети за потребите на новозаразени пациенти. Општа болница Велес одлучи така да го реши проблемот со преполниот капацитет иако во опција беше и ставање во функција на Физикалното одделение како Ковид оддел.
Во велешко досега од Ковид-19 заболеа 392 и сега за активни се водат 69 лица./У.Ј