Директорката на Клиника за пластична хирургија: Басаров во моментов е стабилен и покрај 60 отсто изгореници на телото
14.10.2020
Велешанецот Кире Басаров, повреден во експлозија на бојлер на плин, сега се лекува на Клиниката за пластична хирургија во Скопје. Таму е пренесен од Хирушкото одделение на Општа болница Велес затоа што третманот во лекувањето на пациенти кои се здобиле со изгореници и повреди, при ситуации како што е на Басаров,налагаат постојан надзор и третман во кој е вклучен и специјалист за пластична хирургија.
– Пациентот е во моментов во стабилна состојба, нема температура што за нас како лекари се важни параметри за лекувањето. Тој се здобил со тешки повреди ако се земе во предвид дека повеќе од 60 отсто од неговото тело е зафатено со изгореници. Исто така важен дел од лекувањето е и состојбата со вдишувањето на гасот или инхалационата компонента што ние како специјалисти, хирурзи, за пластична хирургија секојдневно ја следиме. Процесот на лекување ќе биде подолг, тоа мора да се соопшти, секако ќе дадеме се што е неопходно во лекувањето на пациентот, рече директорката на Клиниката за пластична хирургија д-р сци. мед. Софија Пејкова,специјалист по општа хирургија и супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургијa.
Повредите четириесет и осум годишниот Басаров ги здоби дома, во неделата, на 11 Октомври, седумнаесет минути по полноќ кога влегол во купатилото да се тушира. Тогаш експлодирал бојлерот на плин и Басаров на чуден начин се спасил од многу потешки последици по неговиот живот.
Тој два дена се лекуваше на хирушкото одделение во Општа болница Велес. Потоа, во понеделникот попладнето, беше пренесен на Клиника за пластична хирургија. Таму ќе остане на подолготрајно лекуваље.
Неговата сопруга Тања е таа што треба да се грижи за враќањето во состојба за живеење на нивниот дом. Станот е демолирам, нема прозори, делови од мебел, теписи, простирки, гардероба итн.
Но Тања, мајка на дваесет годишен син и петнаесет годишна ќерка, е болна од канцер и е под јаки лекови па затоа не може да се грижи за домот. На Басарови кои живеат во популарно наречената ламела „Топилничарски згради“ на улицата „Христо Татарчев“ со број 6 неопходно потребна им е финансиска и друг вид на помош./У.Ј