Бидете внимателни и почитувајте ги мерките за Ковид-19, само така ќе се заштитите, ги советуваа лекарки средношколците од Велес
9.10.2020
Со демонстрација како правилно се става заштитната маската и совет за носење од најмногу три часа во текот на денот а потоа задолжителна промена со друга или замена со задолжително чист шал или марама ја започна едукативната зум средба д-р Снежана Ефтимова Бисинова со средношколците од Велес. Докторката препорача додека се носи да не се допира маската ниту од надворешна страна со прстите од рацете и ги запозна учениците со ризикот од болеста Ковид-19, пренесувањето и зошто е потребна задолжителна примена на мерките за заштита.
-Покачена температура, кашлица, општа малаксалост, повраќање, пролив, болки во грло и мускули и отежнато дишење, глад за воздух. Лицата кои го имаат вирусот киваат и кашлаат и така се пренесува директно ако сте на помала оддалеченост од 1,5 до 2 метри. Сите можат да заболат но најчесто ги заболуваат возрасни граѓани додека кај помладата популација не е така често па затоа тие се покомотни. Но тие можат да ја пренесат инфекцијата на своите родители, баби и дедовци, кои се здобиваат со полесни или потешки симптоми а имаме и случаи со фатални по животот, рече д-р Ефтимова Бисинова
Таа ги советуваше средношколците да носат маски, правилно со покривање на носот, благо тапкање околу носот до самата жичка и да се вади со еден потег само на врвките, потоа да не се групираат, додека седат во кафетерија да бидат оддалечени еден од друг најмалку два метри и задолжително да ги мијат што почесто рацете најмалку 20 секунди со дезинфекционо средство кое поседува минимум 50 % на алкохол, да се држи дистанца и во продавница од еден метар најмалку.
Вирусот од заболен на здрав се пренесува пеку пеење, викање, гласно зборување, кивање и кашлање, информираа лекарките.
Д-р Весна Николовска Неделкова ги запозна средношколците со актуелната неповолна ситуација со заразата која во последната недела го зголеми бројот на болни на 35%.
-Најчесто новозаразени се лица од 20 до 40 години. Иако се очекуваше во месец ноември, есенскиот бран, е веќе почнат. Треба да се биде претпазлив. Тоа се однесува на сите граѓани па и на вас младите кои што можете да ја пренесете заразата на вашите најблиски. Има пациенти кои се болни од коронавирус кои не ги кажуваат контактите, се губат денови и тоа е една причина за влошување на состојбата со болеста. Седењето во кафетерија не би требало биде подолго од 15 минути и тоа на отворен простор а сега штом заладува не би било пожелно, додаде д-р Николовска Неделкова.
Во моментов на Инфективното одделение се лекуваат тројца млади болни од Свети Николе
Учениците поставија повеќе прашања. Мислење побараа совети од докторките како да се прилагодат на изведувањето на комбинирана настава кога праксата ќе мора да ја обавуваат во училиште или за да бидат испрашани од страна на професорите ќе треба да влезат во училница, според најавите до 10 ученици одеднаш. Потоа што ќе им порачаат на граѓаните кои не веруваат дека коронавирусот постои, колку време најмалку треба да се има контакт со заболен за да се пренесе инфекцијата, дали во такви услови е потребно задолжително тестирање итн. Докторките одговорија на сите поставени прашања.
Зум средбата траеше еден час и 10 минути на платформата на Граѓански ресурсен центар, ја организираше Клубот на млади на Фондација за локален развој и демократија “Фокус“ и ќе биде споделена на нејзината фејсбук страница./У.Ј