Коцевски: Опасноста за ширење на вирусот е многу поголема од претходно, не се почитуваат мерките, па поради тоа, се очекува зголемување на бројот на заразени
8.10.2020
Тројца новозаразаразени велешани се регистрирани до 11 часот, бројката можеби не е конечна и ќе треба да се почекаат официјалните информации на здравствените власти во државата. Состојбата со Ковид-19 во велешко е средно тешка што значи дека се уште не е алармантна, но е посериозна од било кога претходно. Овие оценки на Кризниот штаб ги соопшти веднаш по седницата Градоначалникот Аце Коцевски.
-Доаѓа нов бран, мора да бидеме повнимателни. Загрижува тоа што се повеќе млади луѓе се заразуваат, но добро е што најголемиот дел се со лесна клиничка слика. Апелирам до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Доаѓа време на зимските слави, кога граѓните во поголем број ќе се собираат во домовите, каде што нема да има можност за проветрување, па опасноста од ширење на вирусот значително ќе се зголеми. Властите треба да размислат каква порака до граѓните ќе упатат за да се спречи ова, додаде Коцевски.
Тој оцени дека вирусот е присутен и веќе не се важни кластерите и исто така додаде дека за влошување на состојбата која станува загрижувачка придонесува непочитувањето на мерките од страна на граѓаните.
-Опасноста за ширење на вирусот е многу поголема од претходно, не се почитуваат мерките, па поради тоа, се очекува зголемување на бројот на заразени, рече Коцевски.
Кризниот штаб бил информиран денеска од претставникот на СВР Велес дека при контролите, не се забележани поголеми проблеми со угостителите додека големи проблеми создаваат малолетниците, кои покажуваат непослушност. Било побарано превземање на превентивни активности за спречување на појавата.
Состојбата во изминатото деноноќие на Инфективното одделение во Општа болница Велес резултира со вкупно 27 пациенти, од кои шест се велешани, 11 од Свети Николе, пет од Кавадарци, четири од Неготино и еден од Валандово. Седуммина од болните се на кислородна поддршка и еден е во тешка состојба, со сатурација до 75 проценти.
Од почетокот на епидемијата со коронавирус до денеска во велешко се заразени 352 граѓани, оздравени се 296, за активни случаи се водат 40 и од нив 33 се на домашно лекување, шест на инфективното одделение на велешката болница, а еден пациент е на инфективната клиника во Скопје.
Заразното заболување одзеде 16 животи на сограѓани./У.Ј