Грешка или точен ПЦР тест на коронавирус на нозе крена денеска две институции во Велес и една во Скопје
2.10.2020
ПЦР тест на коронавирус со негативен резултат издаден од „Авицена“ на негувателка во ОЈУДГ „Димче Мирчев“ за патување во странство што потоа лабораторијата во Институт за јавно здравје го пријавила за позитивен ги дигна на нозе денеска двете институции во Велес.
Негувателката се тестирала за да отпатува кај своите деца во соседна Србија. Негативниот резултат го добила и со него излегла од државата. Вчера вечер, кога истиот тест како позитивен е пријавен во Центар за јавно здравје, за епидемиолозите значело дека веднаш треба да ја бараат во соседна Србија и да ја информираат за позитивен тест. Негувателката од таму соопштила сосема различен податок но тоа не влијаело врз одлуката на лекарите епидемиолози да го пријават во Институтот за јавно здравје и во Министерството за здравство.
Од вчера вечер била информирана и ОЈУДГ „Димче Мирчев“ која превзела превентивни мерки.
-Станува збор за негувателка која со својата колешка воспитувачка се грижи за четири деца во група јасли. Информирани се родителите и воспитувачката. Тие од денеска се во 14 дневна изолација. Направена е дезинфекција и превземени се сите мерки согласно протоколите за Ковид-19. Станува збор за вработена негувателка со долгогодишно работно искуство и пред се одговорна личност. Ќе следиме како ќе се одвиваат работите, рече директорката Маја Велиновска.
И од Центарот за јавно здравје соопштија дека ќе настојуваат што поскоро да се рассветли состојбата со резултатот од ПЦР тестот, дали тој е навистина негативен или позитивен./У.Ј