Времено се прекинува потрагата по исчезнатиот велешанец Спасе Димовски
27.08.2020
Поради високиот водостој на река Вардар екипите на Министерството за внатрешни работи и на Секторот за внатрешни работи Велес времено ја прекинуваат потрагата по исчезнатиот велешанец. По 21 ден од несреќата што се случи во атарот на село Белештевица и во која поројница кај местото Лавчани го однесе Димовски досега неговото тело не е пронајдено.
Досегашните обиди се неуспешни, иако во минатите денови беа ангажирани и специјалци со дресирани кучиња за пронаоѓање на лица кои се покриени со чакал, земја и друг материјал.
По телото на Спасе Димовски, низводно по поројницата, прво трагаа членови на семејството и пријатели. Потоа се вклучија кајакари од клубовите во Велес како и членови на Тимот за одговор при катастрофи и безбедност на вода на Црвен Крст Велес кои го пребараа речното корито на Вардар од вливот на суводолицата кај Велес до Ногаевци. Во потрагата учествуваа и екипи на МВР и СВР Велес која до вчера беше неуспешна.
Спасе Димовски го однесе поројот на вода кај местото Лавчани во атарот на Белештевица откако и помогнал на екипата на ЕВН која во невремето што го зафати велешко заглавила со возило во суводолицата. Двајца вработени на ЕВН се спасија но не и човекот што им помогна./У.Ј