Четворица Спасители на вода на Црвен Крст Велес втор ден трагаат по исчезнатиот велешанец Спасе Димовски
15.08.2020
Девети ден од исчезнувањето на Велешанецот Спасе Димовски а неговото безживотно тело не е пронајдено. По педесет и едногодишниот маж кој настрада во поплавите кои го зафатија велешко , кога го однесе поројница во село Белештевица, девети ден трагаат неговите најблиски и пријателите по сливот на поројницата кај селото додека втор ден во потрагата се вклучија и Спасителите на вода на Црвен Крст Велес. Помагаат и кајакарите од велешките клубови како и пожарникарите од Велес.
Вчера четворица Спасители за безбедност на вода со гумен чамец потрагата ја започнаа од вливот на поројницата кај Белештевица до Градскиот парк во Велес. Потрагата беше безуспешна. Но Спасителите на вода велат дека не се откажуваат.
– Денеска продолжуваме со потрага во река Вардар од Мало Мовче во центарот на Велес до село Ногаевци. Речното корито е длабоко и водата е матна.Ако временските услови дозволат ќе продолжиме и надолу по течението на реката се додека не го пронајдеме. Кајакарите се вклучени од првиот ден и веќе е пребаран поголем дел од водите во река Вардар во централното градско подрачје, рече Иле Попов Заменик Командир на Тимот за справување со катастрофи на Црвен Крст.
На Спасителите, кои сега го користат само гумениот чамец на Општина Велес, им е потребна помош во гумени чамци и опрема за да го зголемат бројот на обучени професионални спасители кои ги имаат.
И тие како и роднините на Димовски упатија апел до сите институции да помогнат во потрагата со потребните ресурси. Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски веќе побарал помош од АРМ. Засега нема одговор од Генерал штабот за вклучување на војската во потрагата.
Спасе Димовски пред девет дена го однесе поројница кај местото Лавчани во атарот на Белештевица кога и помогнал на екипата на ЕВН која во невремето заглавила со возило во суводолицата. Двајца вработени на ЕВН се спасија но не и човекот што им помогна. На барање на градоначалникот Коцевски и ЕВН одговорила со ставање на располагање на возила и на човечки ресурси. /У.Ј