Модуларна Ковид амбуланта во Општа болница Велес
14.08.2020
Една од вкупно предвидените 16 Модуларни Ковид амбуланти, за исто толку општини во државата, ќе биде поставена во дворот на градската општата болница. Станува збор за монтажна барака што ќе треба да се склопи од модуларни елементи и во која ќе бидат поставени 33 болнички легла. Општината и болницата веќе ја одредиле локацијата, сега се работи на обезбедување на потребните финансиски средства за изградба на инфраструктурата.
-Локацијата ја одредивме уште пред неколку недели. Таа се наоѓа веднаш над просторот „Хелиодром“ , над Хирушки амбуланти поточно на местото попознато за велешани како „Германски гробишта“. Попрецизно Модуларна Ковид амбуланта ќе се наоѓа на левата страна над Инфективното одделение. Министерството за здравство побара од општините кои ги добија монтажните елементи да го бетонираат платото и да обезбедат водоводна како и канализациона линија иако болниците се национални а не локални здравствени установи значи не се во надлежност на општините. Монтажните елементи се странска донација. Општина Велес нема предвидено таква ставка во буџетот и доправа треба да пронајдеме решение за да ги завршиме нашите надлежности. Или ќе мораме да ја известиме Владата од која ќе побараме помош, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Општината ќе ја разгледа и опцијата потребните финансиски средства за бетонирање на платформата, поставување на водоводна и канализациска мрежа за Модуларна Ковид амбуланта, да ги обезбеди со Ребаланс на буџетот или пренамена од други предвидени ставки, за испланирани градежни зафати кои наместо годинава ќе бидат одложени за наредната 2021 година./У.Ј