Три ипол години затвор за екс претседателот на Кривичен суд Владимир Панчевски, притворот е укинат
4.08.2020
Судијката на Основен суд Велес, Валентина Ѓоргиевска ,вечерва во 21 часот и 30 минути, го огласи за виновен екс претседателот на Кривичен суд Владимир Панчевски за кривичното дело злоупотреба на службена должност и овластување со АКМИС електронскиот систем за распределба на судски предмети и му изрече казна затвор во времетраење од три години и шест месеци, во кои ќе бидат пресметани и деновите поминати во притвор.
Првиот поранешен судија на скопскиот Кривичен суд веќе не е во притвор.
Ова е епилогот од денешното судско рочиште кое во Основниот суд Велес, денеска, траеше 11 часови.
Панчевски, според обвинението, седна на обвинителна клупа за злоупотреба на системот за електронска распределба на предмети наречен АКМИС во кој наместо електронски, рачно распределил 40 предмети во периодот од 2013 до 2016 година, на „подобни судии“. Меѓу нив се и два предмети на СЈО.
Судењето започна пред две недели штом Панчевски сам се пријави во затворот „Шутка“ во Скопје по изречената мерка притвор на Основен суд Велес кој претходно скоро цела година не можеше да го започне рочиштето бидејќи не можеше да го пронајде обвинетиот.
На Основен суд Велес му беше прераспределен овој предмет од скопскиот Кривичен суд поради конфликт на интереси поврзан со Владимир Панчевски како негов поранешен претседател./У.Ј