Продолжи рочиштето за злоупотреба на системот „АКМИС“ во скопскиот Кривичен суд од екс претседателот Владимир Панчевски
4.08.2020
Горан Митев од скопската фирма “Еду Софт”, кој го изработила и имплементирала АКМИС системот за електронско водење судски предмет, беше сослушан како прв сведок на денешно рочиште во Основен суд Велес, каде на обвинителна клупа седи Владимир Панчевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје.
Митев на прашања на обвинителката Цветанка Богоевска детално ја објаснуваше работата на софтверот, особено за делот на рачната распределба на предмети. Сведокот рече дека софтверот ја содржи алатката „рачна распределба на предмети“ што се користи само за итни предмети. Распредлебата ја прави овластено лице според претходно утврдени критериуми. Митев одговарајќи на прашање од вкрстено испрашување на Панчевски потврдно му одговори дека обвинетиот предлагал промени на критериуми кои недостигале во АКМИС системот.
На судската говорница, на барање на одбраната, требаше да застане и судски вештак. Но, сослушување немаше бидејќи за разлика од претходното, на денешното рочиште, одбраната на Панчевски се предомисли по што истото го стори и Обвинителката.
Сепак, адвокатот на Панчевски, Петро Јанура со образложение дека вештакот имал лиценца од 28.10.2014 година поднесе приговор за изземање на вештачењето од материјални докази поради истечена лиценца на што Обвинителката Богоевска реагираше велејќи дека Законот за вештачење е дециден и важноста на лиценците е во времетраење од 5 години. Тоа го потврди и вештото лице кое додаде дека не ја обновил лиценцата од областа на техничките науки лани, во октомври, кога му истекла, додека во времето на вештачење на предметот таа била законски важечка.
Судечката судијка Валентина Ѓоргиева, по кратка пауза за проверка на законот, го одби приговорот на одбраната. Вештачењето остана како дел од предметот.
Обвинетиот Владимир Панчевски во Основен суд Велес одговара за злоупотреби на системот за електронска распределба на предмети „АКМИС“ како претседател на скопскиот кривичен суд. Обвинителството го товари за 40 тина предмети, меѓу нив два и на СЈО, кои рачно ги распределил на „подобни судии“. Панчевски на судење доаѓа од затвор „Шутка“ каде ја издржува изречената мерка „30 дневен притвор“ откако неполна година не ги примаше поканите за рочиште на Основен суд Велес. /У.Ј