Предмет на СЈО и бил даден на судијка во Кривичен не преку „АКМИС“ туку по наредба на обвинетиот Панчевски, сведочеше уписничарка од скопскиот суд
27.07.2020
Главната расправа на судскиот процес за злоупотреби на електронскиот систем на распределба на судски предмети АКМИС во кој е обвинет екс претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, во Основен суд Велес продолжува утре, вторник, 28 јули. Одбиено е барањето на бранителот Петро Јанура за изземање на судечката судијка и на Основен суд Велес како и за предлагање на сведоци на одбраната затоа што уште пред неколку месеци Апелацискиот суд во Скопје веќе одлучил по жалбата на Панчевски додека сведоци одбраната не може да предлага затоа што главната расправа е започната и се пропуштени законските рокови.
На писменото барање на адвокатот Јанура претседателката на Основен суд Велес ќе одговори веднаш и не подоцна од три дена. Ваква одлука донесе, денеска во 15.30 часот, Основен суд Велес на барањата на одбраната за изземање на судијката, претседателот и Основен суд Велес.
-Она на што се случи бевме сите сведоци во судницата денеска е флагрантно кршење на човекови права на Владимир Панчевски и бевме приморани да побараме изземање на судечкиот судија. Станува збор за едно евидентно оспорување на човековите права до тој степен што сите постапувања и ускратувања зрачеа со една неправичност. Приморани бевме да поднесеме барање за изземање, па ќе видиме, рече бранителот Петро Јанура.
Инаку претходно во судницата на Основен суд Велес обвинетиот Панчевски во два наврати беше прашан од судечката судијка Валентина Ѓоргиевска дали го разбрал обвинението и дали се чувствува виновен или не на што тој рече дека немал време да го разгледа обинението и затоа не можел да се изјасни. И бранителите на Владимир Панчевски бараа одлагање за да ги разгледале доказите и да се спремеле за одбраната.
Бидејќи барањата не беа прифатени денеска главната расправа продолжи со исказите на сведоци на Обвинителството меѓу кои беа претходен и актуелен претседател на Кривичен суд, Стојанче Рибарев и Иван Џолев.
Сведокот Рибарев, кој го наследи Панчевски, рече дека веднаш штом стапил на должност нему му се пожалиле повеќе судии а меѓу нив Весна Димишкова и Славица Андреева за тоа што во Кривичен имало распределување на предмети рачно а не преку АКМИС системот и бил избегнуван Распоредот на судии за што веќе бил известен Судскиот совет.
Во сведочењето, актуелниот претседател на Кривичен, Иван Џолев рече дека штом бил именуван од Обвинителството стигнало известување дека е отворен случајот „АКМИС“ и било побарано да биде направен увид со цел да се утврди дали постоел параф од Панчевски на предметите за потоа да бидат распределни кај одредени, според обвинението подобни судии.
Денеска сведочеше и една од вкупно двете уписничарки на Кривичен суд кои ги внесувале судските предмети во Акмис системот. Уписничарката рече дека за првиот случај што пристигнал во Кривичен од СЈО им била пренесена наредбата од обвинетиот Панчевски преку нивната раководителката да и биде распределен на судијката Тања Михајловска.Во сведочењето уписничарката не можеше да се сети, како што тврдеше, на звучните имиња во предметот но додаде дека тоа бил предмет на СЈО.
Според обвинението, на разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичен суд, Владимир Панчевски му се суди за злоупотреби на електронскиот систем на распределба на судски предмети АКМИС затоа што наместо системот тој ги делел предметите на подобни судии./У.Ј