Во Велес, одбележана 74 годишнината од погибјата на народната хероина Мирка Гинова
26.07.2020
Во Велес, пред спомен обележјето на народниот херој Мирка Гинова и Спомен плочата на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија со пригодна свеченост е обележана 74 годишнината од погибијата на хероината.
Букети свежо цвеќе беа положени од повеќе делегации, здруженија на граѓани, политички партии и поединци.
Поздравна реч имаше и Александар Јаневски, претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола.Свеченоста беше поддржана од Општина Велес и оранизирана од Здруженијата на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија од Велес.
На одбележувањето беше промовирана и книгата „Трновитиот пат на очајниците“ од велешката поетеса Славјанка Љуткова. Ова е 14 книга во творечкиот опус на Љуткова и втора со тематика посветена на децата бегалци. Првата ,,Откорнати души“ е издадена во 2012 година.
Промотор на книгата „Трновитиот пат на очајниците“ беше Љупчо Данов, а извадоци од поезијата читаше поетесата Лилјана Арсова.
“Ќе умрам за нешто во кое верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна. За поарен живот на другите, не за мојот,”порачала Гинова пред да биде погубена.
На денешен ден (26.07) 1946 година во Ениџе-Вардар, Грција, фашистите ја стрелаа Мирка Гинова – борец од времето на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција. За своите заслуги во антифашистичката борба, таа посмртно е прогласена за Народен херој на Македонија.
На свеченоста беа запазени сите препораки за спречување на ширење на короновирусот, присутните носеа маски и се одржуваше растојание помеѓу присутните./У.Ј