За седум дена велешани ќе можат да се капат на првата плажа на „Езеро Младост“
23.07.2020
Багер прави ископ на трњата и грмушките на самиот почеток на езерскиот брег на Младост, веднаш на влезот, после првиот свиок на патот. Таму се расчистува површината со што би се добил дополнителен простор како за приод до првата плажа, горе на брегот, така и за седење на посетителите долу покрај водата.
Веќе е оформена површината на првата плажа. Поставени се бехатон плочките на патеката, оградени се површините кои ќе се наполнат со ризла и се знае местото што ќе остане за тревна површина. Патеката со бехатон со еден крак е трасирана директно до водата. Тој всушност треба да им овозможи директен пристап на лицата со попреченост, особено тие што користат инвалидски колички, до самата езерска површина.
За нив се обезбедени и два чадори за заштита од сонце. Сите 12 чадорите ќе бидат покриени со исплетена трска и освен двата за лица со попреченост останатите се за граѓаните кои ќе се капат и сончаат.
Освен работниците на градежната фирма „Тргоцемент“ и вработени на ЈКП „Дервен“ трет ден во уредувањето на просторот со работна рака учествуваат и лица кои издржуваат казна затвор од одделението на КПУ во Долно Оризари.
Градежни работници работат и на ископи на брегот долж езерото се до ресторанот „Брод Панини“.
Непосредно до првата плажа тие градат скали, оградуваат простори за поставување на соблекувални, на тушеви и на санитарии како и на чешми за вода. Штом завршат со градежните работи ќе ги постават и бехатон плочките на трасираната патека што поминува покрај летниковците.
-Ова е многу убав проект и сакам да им се заблагодарам за интензивната градежна посветеност на работниците на „Тргоцемент“ и на комуналното претпријатие „Дервен“. Им благодарам и на затворениците кои се многу вредни и кои ќе бидат неколку дена вкучени во изведбата на проектот. Патеките се посебно димензионирани за да им овозможиме пристат и на лицата со попреченост до плажата и особено за влез во водата покрај самиот брег. Ова е само надоврзување на проектот што чини над 1.000.000.000 евра финансиран од Европска Унија и се спроведува преку Светска банка а е наречен „Паметно Езеро Младост – прва туристичка иновативна дестинација во Македонија“. За брзо време ќе биде готов овој дел за да овозможи летово разладување и престој како за велешани така и за туристите од соседните општини. За една недела плажата ќе биде подготвена да ги прими првите капачи, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Тој додаде дека ќе биде изградена посебна патека што ќе му овозможи простор за порибување на концесионерот ЗСР „Бабуна“ на „Езеро Младост“ и ќе се поправи како и повторно постави надгледната кула на спасителите на вода.
Изграден е првиот поголем паркинг и поставени се столбовите за осветлување на кои недостасуваат само канделабрите./У.Ј