За осум месеци водата од хидросистемот „Лисиче“ ќе ја пијат и жителите на селата Раштани и Бузалково во Општина Велес
22.07.2020
Каналот за поставување на новите водоводни цевки на системот за водоснабдување за селата Раштани и Бузалково е ископан на повеќе од една третина од трасата. Динамиката на изградба се одвива добро. Низ славините во домовите на жителите, во двете населени места, чиста и здрава вода за пиење ќе потече за околу 8 месеци. Тоа е пократок временски период од предвидениот рок за изведба на проектот.
Ова денеска им го пренесоа на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и на градоначалникот на Велес Аце Коцевски изведувачите од велешката фирма „Делта пром“.
-Ме информираа дека проектот е многу добар и градбата ќе оди многу брзо со што ќе решиме многу важно прашање за граѓаните на Раштани и на Бузалково. Проектот чини 500.000 евра со кој ќе се изградат 10 километри водовод, рече министерот Сугарески.
Изградбата на системот за водоснабдување и поврзувањето со велешката градска мрежа за двете села значи трајно решавање на проблемот со водата за пиење. Особено за селото Бузалково со 1.273 жители кои константно немаат доволни количини на вода во лето. Освен изградбата на цевковод со проектот се предвидени изградби и на препумпни станици.
-Треба да се изградат и две препумпни станици затоа што котата на селата Раштани и Бузалково е повисока од позицијата на филтерната станица на водоснабдителниот систем во Велес. Водата мора да се препумпува за да стигне до селата. Исто така се предвидени зафати за рехабилитација на постоечките резервоари за вода во Бузалково и во Раштани за да можат да ја примат новата количина на вода., рече градоначалникот Коцевски.
Министерот и градоначалникот направија увид на работата на трасата на водоснабдителниот систем што го финансира Министерството за транспорт и врски. Се очекува подигнување на квалитетот на живот за граѓаните во двете населени места. Освен овој, годинава, Министерството поддржува проекти во висина од 1,2 милиони евра за изградба на патишта и улици во Општина Велес со финансиски средства на Светска банка./У.Ј