Почина академскиот сликар Ангел Петров
5.07.2020
Во 87 година од животот, вчера вечер во родниот Велес, почина академскиот сликар и професор Ангел Петров. Посмртните останки ќе бидат изложени во црквата Свети Пантелејмон во Велес на 6 јули, понеделник во 11часот додека погребот ќе се изврши еден час подоцна.
Академскиот сликар Ангел Петров е еден од најзначајните современи сликари во Македонија.
Toj e добитник на 12 позначајни награди, признанија и благодарници. Најзначајни за неговото творештво се:
– Орден на трудот со сребрен венец 1980 година во Белград,
– Награда за најдобра „Мртва природа“ во 1950 година од од професор Лазар Личеновски во Средното уметничко училиште во Скопје
– Награда за животно дело „Гемиџии“ во 2004 година доделена на Општинa Велес и
– Спомен плакета „9 Ноември“ во 1998 година на Општина Велес,
Петров е роден e на 22.08.1933 година во Велес, Maкедонија. Средно уметничко училиште завршува во Скопје во класата на професорите Личеновски, Мартиновски, Коџоман и Борко Лазовски. Во втора година во ова училиште награден е како најталентиран ученик на генерацијата.
Образованието го продолжува на Академијата за применета уметност во Белград каде дипломира во 1962 година, во класата на професорот Винко Грдан. Од наредната година започнува самостојно да изложува и до годинава, Петров е автор на вкупно реализирани 58 самостојни ликовни изложби, од кои 47 во Македонија и 11 во странство, најголем број од нив во Хрватска. Петров учествува и во над 200 групни изложувања.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1967 год. Негови дела се наоѓаат во многу музеи, галерии, приватни колекционери.
Неговиот ликовен опус се содржи од пет ликовни фази и тоа: пејзажи, актови, коњи, портрети и велешка архитектура.
Ги негува ликовните техники: масло, пастел, акварел, туш, акрилик и комбинирани техникa, успешно презентирајќи ja културата на својот град Велес и Македонија.
Најголема уметничка инспирација на академскиот сликар Ангел Петров e ликот на поетот, револуционерот и основоположникот на македонската современа литература Кочо Солев Рацин кому му посвети најголем број на најавтентични портрети. Тој е автор и на портретот на мајката на Кочо, Марија Солева. /У.Ј