ЕД „Вила Зора“ бара одговорност и законска реакција за загадувањето на река Вардар
16.06.2020
ЕД „Вила Зора” од Велес најостро реагира на повторниот еколошки нцидент и нарушувањето на животната средина од страна на поедини индустриски субјекти во градот. Соопштувајќи дека еколошката граѓанска организација не е против работата на индустриските капацитети во градот, екологистите сепак преку барање потсетија на обврската за контрола на емисијата на штетните материи во водата, почвата и воздухот што треба да биде во рамките на максимално дозволените концентрации.
Во писмената реакција на ЕД „Вила Зора“ по завчерашното загадување на водата во река Вардар со деривати се поставени неколку значајни прашања како и барање:
„Прашуваме, дали со излевањето на големи количини мазут, не е предизвиката општа опасност и дали за ова е поднесена пријава до надлежните органи? Дали е земен примерок од водата во реката Вардар и дали е пратен на испитување? Дали е известен државниот инспекторат ?
Бараме одговорност и реакција врз основа на законот и најитно вработување на квалификуван инспектор за заштита на животната средина во општина Велес, со цел редовно следење на работата и превенција од евентуални еко-инциденти.“
Екологистите реагираат откако вчера темни мрсни дамки пливаа на површината на водите во Вардар кај Велес.
Градоначалникот Аце Коцевски изнесе факти и докази дека загадувањето е последица од хаварија во велешка Маслодајна, која испуштила околу еден тон мазут а дел од оваа количина најверојатно завршила во Вардар.
Од велешка Маслодајна не негираа дека имале дефект со котел од кој мазут истекол на улица, но категорично тврдеа дека мазутот не се слеал во одводен канал и не се влеал во реката Вардар./У.Ј