Почина седумгодишно дете во Велес, причината за смртта ќе ја утврдува Судска медицина
16.06.2020
Детето во Општа болница Велес било донесено со возило на Итна помош, вчера, во 11. 35 минути во коматозна состојба, без срцева акција и дишење но и со подуен стомак. Лекарски тим веднаш пристапил кон интубирање и реанимација но без успех затоа што неможел да воспостави срцева акција.
-Од моментот на телефонскиот повик дека Итна помош, чии лекари први се бореа да го спасат, се транспортира мало дете без срцева акција лекарскиот тим на болницата предводен од анестезиолози се подготви и го прифати детето за да потоа стори се што е неопходно со цел да го врати во живот. Пациентот беше веднаш интубиран и започнато со реанимација. За жал обидите на лекарите беа неуспешни, рече портпаролката на болницата д-р Весна Николовска Неделкова.
Во 12 часот и 20 минути е констатирана смрт кај детето кое го донеле родителите. Тие на лекарите во болницата им соопштиле дека претходно биле на матичен лекар поради пролив и повраќање. Потоа се вратиле дома но здравствената состојба на нивното дете не се подобрила туку се влошила. Затоа го однеле во Итна помош од каде веднаш го транспортирале во болницата во Велес.
Од СВР Велес информираат дека во 11 часот и 35 минути на 15 јуни било пријавено дека во болницата во Велес било донесено починато седумгодишно дете, кое предходно имало здравствени проблеми и утрото му се влошила состојбата. Нивна екипа извршила увид додека по наредба на Јавен обвинител телото на починатото дете било испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје. Резултатите на лекарите од Обдукција треба да ја потврдат причината за смртта на седумгодишното велешанче./У.Ј